Со изградбата на оградата околу депонијата се зајакнува физичката заштита на просторот и се преземаат одржливи мерки за заштита на јавното здравје и животната средина
Почна изградбата на заштитна ограда околу депонијата „Дрисла“, соопшти денеска првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, при неговата посета на депонијата заедно со претседателот на Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС), Орце Ѓорѓиевски.
Според Меџити, овој проект се реализира на барање на жителите на селото Батинци, со цел заштита од кучињата скитници и расфрланите отпадоци. Со тоа, вели, почнува нова фаза во уредувањето и контрола на „Дрисла“.

„Оваа депонија со години претставува извор на загадување и здравствени проблеми за граѓаните, а била и предмет на бројни реакции од жителите на околните населби, особено Батинци. По неколкуте средби што ги имав со нив, ветив дека ќе преземеме конкретни мерки. Денеска веќе работите започнаа“,
кажа Меџити.
Со изградбата на оградата околу депонијата се зајакнува физичката заштита на просторот и се преземаат одржливи мерки за заштита на јавното здравје и на животната средина.
„Депонијата има стратешко значење за целиот регион на Скопје. Во соработка со Градот и надлежните институции ќе продолжиме да инвестираме во нејзина модернизација и трансформација во модерен центар за рециклирање на отпадот“,
кажа тој.
Средствата за изградба на оградата се обезбедени од Министерството за животна средина (МЖС) во вредност од девет милиони денари. Оградата ќе биде долга 4 800 метри, а висока 1,5 метри, поставена на 1 500 метални столбови, со двојна бодликава жица и бетонски темели.
Со тоа, смета Меџити, ќе се оневозможи неовластен влез и ќе се намали загадувањето.
Во септември, оваа депонија гореше на неколку наврати, поради што во делови на Скопје се чувствуваше мирис на чад и изгорено.