Според објавите на албанските медиуми, тој покажал здравствени проблеми и доживеал срцев удар, поради што бил веднаш пренесен во Регионалната болница во Валона, каде и покрај напорите, лекарите не успеале да го реанимираат

Педесет и четири годишниот македонски државјанин Б. Л., што бил во притворскиот центар во албанскиот приморски град Валона, починал откако доживеал срцев удар.
Според објавите на албанските медиуми, тој покажал здравствени проблеми и доживеал срцев удар, поради што бил веднаш пренесен во Регионалната болница во Валона, каде и покрај напорите, лекарите не успеале да го реанимираат. Надлежните служби ги спроведуваат потребните дејствија за да се разјаснат сите околности.
Албанската полиција Б. Л. го уапси на 25 април во Валона, каде имал изнајмено стан, што, според полицијата, го претворил во „база за дрога“.
Полицијата тогаш објави дека разбила случај на дистрибуција на дрога, по операција спроведена од специјалисти за истраги за наркотици.
„Уапсен е македонскиот државјанин Б. Л. (53) што изнајмил стан во населбата 10 Jули каде ја чувал и подготвувал дрогата, кокаин и марихуана, во помали пакувања“,
објави тогаш полицијата.
За време на претресот, полицијата во станот пронашла значителна количина кокаин и марихуана, електронска вага и неколку мобилни телефони.
Во акцијата уапсени биле и албанските државјани А. И. (31) од Валона и К. А. (27) од Берат, кои се товарат за кривично дело производство и продажба на наркотични дроги.
