На болничко лекување во моментов остануваат двајца од повредените во пожарот
Уште двајца од повредените во пожарот во пензионерскиот дом во Тузла им подлегнаа на повредите, со што вкупниот број на жртви се искачи на 17. Според извештајот на Универзитетскиот клинички центар во Тузла, пациентите биле хоспитализирани на Клиниката анестезиологија и реанимација, а починале во изминатите 24 часа.

Обвинителството на Тузланскиот кантон објави дека денеска ќе бидат издадени наредби за обдукција на телата.
На лекување во моментов остануваат двајца од повредените во пожарот кои се хоспитализирани на Клиниката за интерни болести во рамки на тузланскиот клинички центар.
Пожарот во пензионерскиот дом во Тузла изби на 4 ноември. На самото место загинаа 11 лица, а повеќе од 30 беа повредени. Според првичните резултати на истрагата, пожарот бил предизвикан од краток спој на кабелот на радио-приемник во собата на еден од станарите на домот.
Еден ден по пожарот, директорот на пензионерскиот дом, Мирсад Бакаловиќ, поднесе оставка.
