Од Рингов денеска преку објава на својот официјален фејсбук-профил се прости и Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), од каде што напишаа дека денес не жалиме само за човек, туку за едно време на мерка, чест и достоинство
На 70-годишна возраст, по кратко боледување, денеска почина Васил Рингов, едно од најголемите имиња на македонскиот фудбал и легенда на фудбалскиот клуб Вардар.

Роден на 17 април 1955 г. во Струмица, Рингов фудбалска кариера ја започна во младинските категории на фудбалскиот клуб Беласица, а своите најблескави моменти ги доживеа во дресот на Вардар, клубот за кој настапуваше од 1977 до 1983 година, како и од 1984 до 1986 година.
За најтрофејниот македонски клуб, тој одигра повеќе од 200 натпревари во првата и втората лига на тогашна Југославија постигнувајќи 92 гола.
Во својата богата фудбалска кариера, Рингов настапуваше и за загрепски Динамо, како и за германски клуб Ајнтрахт Брауншвајг.
Од Рингов денеска преку објава на својот официјален фејсбук-профил се прости и Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), од каде што напишаа дека денес не жалиме само за човек, туку за едно време на мерка, чест и достоинство.
„Има луѓе што не си заминуваат. Само се повлекуваат чекор наназад, за да нè гледаат од тишината. Васил Рингов беше од тие. Тивок, исправен, свој. Фудбалот за него не беше сцена, туку одговорност. Не зборуваше многу, ама кога зборуваше, имаше тежина. Кога работеше, оставаше белег. Денес останува споменот за човек кој веруваше дека делото е поважно од зборот, а чесноста посилна од секој резултат. Како што велат, некои си одат, ама остануваат во игра. Почивај во мир, драг наш Васе“,
се вели во објавата на ФФМ.
