Готје беше еден од 177. члена на француските зелени беретки кои се истоварија на брегот на Нормандија во 1944 година
Леон Готје, последниот преживеан член на француската единица командоси која учествуваше во Денот Д заедно со сојузничките трупи за да започне ослободувањето на Франција, почина вчера на 100-годишна возраст. Готје беше еден од 177. члена на француските зелени беретки кои се истоварија на брегот на Нормандија во 1944 година.
Францускиот претседател Емануел Макрон ги опиша Готје и неговите другари како „херои на ослободувањето“.
„Нема да го заборавиме“,
напиша Макрон на Твитер.
Готје е роден на 27 октомври 1922 година во селото Фугер во Бретања и пораснал со горчливи спомени од Првата светска војна.
Тој беше на еден од последните француски воени бродови што отплови за Велика Британија за да им се придружи на слободните француски сили на генералот Шарл де Гол додека Германците ја презедоа северната половина на Франција во 1940 година, пишува „Гардијан“.
Поминале 78 дена на бојното поле
На Денот Д, 6 јуни 1944 година, Готје и неговите колеги во единицата командоси „Кифер“ биле меѓу првите бранови на сојузничките трупи кои упаднале на добро одбранетите плажи на северна Франција окупирана од нацистите.
Во огромна сила, претежно составена од американски, британски и канадски војници, командосите на францускиот капетан Филип Кифер ја направиле Франција горда, по нечесните постапки за време на нацистичката окупација.
„Тоа беше посебно за нас. Бевме среќни што се вративме дома. Бевме на чело на десантот. Британците нè пуштија да одиме неколку метри понапред. За нас тоа беше ослободување на Франција, враќање на нашите семејства“,
опишал Готје.

Тие трчале по плажата со тешките торби и поминале 78 дена на бојното поле, при што многумина од нив биле убиени и ранети. Нивната првична цел била добро утврден бункер. Иако упориштето било оддалечено само неколку километри, им биле потребни четири часа борба за да стигнат и да го освојат. На плажата ја сечеле бодликавата жица под дожд од куршуми.
„Војната е мизерија“
„Тие пукаа во нас, но и ние пукавме во нив. Кога се приближивме до ѕидовите на бункерот, фрливме гранати низ процепите“,
рекол Готје.
Подоцна го повредил левиот глужд скокајќи од воз и бил принуден да мирува поголемиот дел од остатокот од војната.
Готје посвети голем дел од својот повоен живот на потсетување на лекциите од војната давајќи интервјуа, учествувајќи во комеморации и помагајќи да се состави музеј во Уистрем во чест на француските командоси кои помогнаа да се ослободи Нормандија.
„Војната е мизерија. Не толку одамна, а можеби ова ви изгледа глупаво, би помислил: ‘Можеби убив млад човек, можеби направив некого сирак и вдовица или расплакав нечија мајка’. Не го сакав тоа. Не сум лош човек. Убиваш човек кој ништо не ти направил. Тоа е војна и го правиш тоа за својата земја“,
рекол тој.
Фото: EPA-EFE/LUDOVIC MARIN / POOL MAXPPP OUT