Поранешниот градоначалник и бизнисмен почина на 82-годишна возраст во приватна болница во Солун
Јанис Бутарис, поранешниот градоначалник на Солун, кој го водеше градот во два мандати во периодот од 2011 г. до 2019 г., почина синоќа на 82-годишна возраст. Тој беше 60-тиот градоначалник на градот, а воедно ја имаше и функцијата претседател на музејот на холокаустот во Грција. Грчките медиуми информираат дека тој починал во Солун, во приватна болница, каде што бил хоспитализиран подолго време поради сериозни здравствени проблеми.
Бутарис важеше за човек кој се залагаше за нормализирање на грчко-македонските односи, а при неговата прва посета на земјава во 2013 година рече дека неговите врски со земјава се сентиментални оти неговите предци биле Власи од Крушево.
За неговата смрт, на социјалните мрежи се огласи и поранешниот градоначалник на Скопје, Петре Шилегов, кој напиша дека со луѓе како него, Балканот би бил многу помирно место за живеење.