Од неговата организација соопштија дека тој е застрелан во вратот, како и дека во него било пукано од оддалеченост од речиси 200 метри
Почина Чарли Кирк, конзервативниот политички активист и коосновач на Turning Point USA, најголемата конзервативна младинска организација во Соединетите Американски Држави (САД) откако претходно беше застрелан на настан на Универзитетот Вели во Јута, пренесува Си-ен-ен.

Триесет и едногодишниот Кирк важеше за сојузник на американскиот претседател Доналд Трамп, кој вечерва на социјалната мрежа Трут соушл ја потврди информацијата за неговата смрт и нареди знамињата да бидат спуштени на половина копје.
Кирк беше застрелан на настан на Универзитетот Вали во американската држава Јута. Веднаш беше пренесен во болница, каде подоцна почина.
Од неговата организација соопштија дека тој е застрелан во вратот, како и дека во него било пукано од оддалеченост од речиси 200 метри.
Како што пренесуваат американските медиуми, на социјалните мрежи се појавија снимки на кои се гледа како тој држи говор пред голема група луѓе на отворено кога се слуша пукање.
Отако слушнале истрел, насобраните студенти почнуваат да бегаат.
Трамп по веста за пукањето го посочи Кирк како клучен за неговите добивки меѓу младите гласачи на минатогодишните претседателски избори.
Од Универзитетот објавија дека осомничениот напаѓач е приведен, по што подоцна истото го демантираа.
Според Си-ен-ен, Кирк е застрелан додека одговарал на прашање за трансродовите масовни убијци.
На овие настани, Кирк имал пракса да дебатира со студентите и посетителите.
Кој е Чарли Кирк?
Кирк, основачот на конзервативната организација Turning Point USA (TPUSA), стана една од највлијателните личности на американската десница и клучен сојузник на претседателот Доналд Трамп.
На само 30 години, Кирк од студентски активист прерасна во медиумски влијателна личност и политички креатор на промени што го обликува конзервативното движење на Трамп.
Израснат во предградието на Чикаго, Кирк го започна својот политички активизам уште во средно училиште.
Клучниот момент во неговото оформување одбивањето за студирање на Воената академија „Вест Поинт“. Тврдеше дека неговото место му припаднало на „помалку квалификуван кандидат од различен пол и различно верување“.
На 18-годишна возраст, во 2012 година, тој ја основа организацијата „Turning Point USA“, која беше замислена како платформа за промовирање на вредностите на слободните пазари и ограничената влада на американските универзитети.
Поддржана од моќни конзервативни донатори, таа брзо стана доминантна сила на кампусите, со буџет од повеќе милиони долари и илјадници ограноци низ целата земја.
Кариерата на Кирк е проследена со негова драматична промена на ставовите. Пред само неколку години, тој силно се залагаше за одвојување на црквата од државата. Сепак, во 2022 година, неговиот став целосно се промени.
