Во 2000-тите Ози и неговото семејство станаа популарни и на ТВ-екраните по ријалити шоуто „Озборнови“

Пејачот на бендот „Блек сабат“, легендарниот Ози Озборн почина на 76-годишна возраст, соопшти неговото семејство.
„Со тага и недостаток на зборови соопштуваме дека нашиот почитуван и сакан Ози Озборн почина утрово. Беше со семејството и опкружен со љубов“,
се вели во соопштението од неговото семејство.
Ози Озборн е музичка легенда. Стана популарен како основач и член на „Блек сабат“ од 1968 година.
„Блек сабат“ е еден од пионерските хеви-метал бендови, а творци се на познатите хитови „Paranoid“, „War Pigs“ и „Iron man“.
Озборн го напушти бендот во 1979 година по расправија со останатите членови, па продолжи со соло кариера, во која произведе преку десетина албуми.
Во 2000-тите Ози и неговото семејство станаа популарни и на ТВ-екраните по ријалити шоуто „Озборнови“.
Во ова шоу можеше да се забележи хаотичниот живот на Озборнови во Лос Анџелес, бидејќи беше вклучена целата фамилија на чело со неговата сопруга Шерон, ќерката Кели и синот Џек.
