Полицијата синоќа го уапсила 55-годишниот В.Р. кој е задржан во Полициската станица Гевгелија, а од МВР велат дека во текот на денот против него ќе биде поднесена соодветна пријава за настанот

Педесет и тригодишниот жител на Богданци Н.Т. починал вчера во болница во Гевгелија откако се здобил со тешки телесни повреди во физичка пресметка во Стар Дојран.
Министерството за внатрешни работи (МВР) денеска информира дека за инцидентот е уапсен 55-годишниот В.Р. од дојранското село Сретеново.
Во текот на вчерашниот ден, додаваат од МВР, во Стар Дојран настанала физичка пресметка помеѓу В.Р. и Н.Т. од Богданци. Повредениот Н.Т. веднаш бил пренесен во Медицинскиот центар Гевгелија, каде што подоцна починал од здобиените повреди.
Полицијата од СВР Струмица – ОВР Гевгелија го уапсила В.Р. синоќа во 22:25 часот во неговото село Сретеново. Лицето е задржано во Полициската станица Гевгелија.
По наредба на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Гевгелија, телото на починатиот е дадено на обдукција за да се утврдат причините за смртта.
МВР информира дека во текот на денот, против В.Р. ќе биде поднесена соодветна пријава за настанот.
