Китон светска слава доживеа со улогата на Кеј Адамс во култната трилогија на Френсис Форд Копола „Кум“, каде што глумеше заедно со Ал Пачино и Марлон Брандо, а својот најголем успех го постигна со филмот „Ени Хол“ на Вуди Ален, кој ѝ го донесе престижниот Оскар за најдобра актерка
Дајан Китон, една од најомилените филмски ѕвезди во изминатите 50 години, почина на 79-годишна возраст во Калифорнија.

Веста ја потврди списанието „Пипл“, но понатамошни детали не се соопштени, откако нејзините најблиски побарале приватност, изјавил портпаролот на семејството.
Информацијата за смртта на актерката е примена со неверување и шок во Холивуд. Актерката со месеци не беше видена во јавност, но немаше ниту информации дека страда од некаква болест, пишува „Гардијан“.
Дајан Китон е родена на 5 јануари 1946 година во Лос Анџелес. Таа почнала да глуми додека студирала во Њујорк, а вниманието го привлекла со својот настап на Бродвеј во мјузиклот „Коса“ (Hair).
Светска слава доживеа со улогата на Кеј Адамс во култната трилогија на Френсис Форд Копола „Кум“, каде што глумеше заедно со Ал Пачино и Марлон Брандо.
Својот најголем успех го постигна во соработката со Вуди Ален во филмот „Ени Хол“ од 1977 година. Оваа улога ѝ донесе Оскар за најдобра актерка и засекогаш ја смести меѓу најважните актерски имиња во Холивуд.
Дајан Китон глумеше во низа значајни филмови како што се „Барајќи го г-дин Гудбар“, „Црвени“, „Собата на Марвин“, „Клубот на првите сопруги“, „Камењата“ и романтичните комедии „Љубовта нема правила“ со Џек Николсон, кои ѝ донесоа и номинација за Златен глобус. Покрај глумата, таа се занимаваше со режија, продукција и фотографија, а објави и неколку автобиографски книги.
Таа беше позната и по својот препознатлив стил на облекување, кој често вклучуваше костуми и капи, и со кој со години ги кршеше модните и општествените стереотипи.
Дајан Китон никогаш не беше во брак. Беше мајка на две посвоени деца, Декстер и Дјук.
Својот живот го опиша во мемоарите „Тогаш повторно“ (Then Again) од 2011 година и „Ајде само да кажеме дека не беше убаво“ (Let’s Just Say it Wasn’t Pretty) од 2014 година.