Стана познат по дизајнирањето гламурозни фустани, во неговата „заштитна Валентино-црвена боја“
На 93-годишна возраст денеска почина Валентино Гаравани, италијански моден дизајнер и основач на познатиот бренд „Валентино“.

Во објава на инстаграм-профилот на неговата фондација се вели дека тој починал во домот во Рим, опкружен со блиските.
Погребот ќе се одржи в петок на 23 јануари во Рим.
Валентино беше омилен креатор на пејачки и актерки, како Џенифер Анистон, Гвинет Палтроу, Никол Кидман, Ен Хатавеј, Елизабет Харли и Сара Џесика Паркер.
Роден е како Валентино Клементе Лудовико Гаравани на 11 мај 1932 година, во Вогерија, Италија.
Студирал мода во Париз, а работел и како чирак кај Жак Фат и Баленсијага.
Потоа работел и за Жан Десе и Ги Ларош, пред да се врати во Италија и да отвори своја модна куќа во Рим.
Валентино стана познат по дизајнирањето гламурозни фустани, во неговата „заштитна Валентино-црвена боја“.
Доживеал голем подем како дизајнер откако Џеки Кенеди купила и носела шест од неговите дизајни по атентатот врз нејзиниот сопруг, Џон Ф. Кенеди.
Таа, исто така, носела фустан од Валентино на нејзината свадба со Аристотел Оназис.
„Знам што сакаат жените. Тие сакаат да бидат убави“,
рече Валентино во 2008 година во документарец, коментирајчи ја тајната на неговиот успех како многу баран дизајнер.
Еден од неговите најзначајни моменти во кариерата беше кога се појави во филмот „Ѓаволот носи Прада“ во 2006 година.
Валентино се пензионираше во 2007 година.
„Во овој момент, решив дека е совршено време да се збогувам со светот на модата. Како што велат Англичаните, би сакала да ја напуштам забавата додека се уште трае. Имав голема среќа што можев да го правам она што го сакав целиот мој живот“,
рече тој во изјава за „Њујорк тајмс“.
Неговата последна ревија на висока мода се одржа во јануари 2008 година во Париз, во музејот „Роден“.
