Тој веќе некое време беше болен и во јуни годинава беше принуден да се откаже од ревиите на својата група на Неделата на машка мода во Милано. Ова беше првпат во неговата кариера да пропушти еден од своите модни настани
Италијанскиот дизајнер Џорџо Армани, едно од најголемите имиња во светот на модата, почина на 91 година, соопшти денеска компанијата што ја основаше и ја водеше пет децении, пренесува Ројтерс.

Армани, синоним за модерен италијански стил и елеганција, го комбинираше талентот на дизајнер со деловната остроумност додека раководеше со компанија која генерираше околу 2,3 милијарди евра (2,7 милијарди долари) годишен обрт.
„Со бескрајна тага, групацијата ‘Армани‘ ја објавува смртта на својот творец, основач и неуморна движечка сила: Џорџо Армани“,
се вели во соопштението на модната куќа.
Тој веќе некое време беше болен и во јуни годинава беше принуден да се откаже од ревиите на својата група на Неделата на машка мода во Милано. Ова беше првпат во неговата кариера да пропушти еден од своите модни настани.
Армани остана единствен сопственик на својата компанија и работеше со тесно поврзана група долгогодишни колеги и членови на неговото семејство.
„Во оваа компанија, отсекогаш сме се чувствувале како дел од едно семејство. Ние, вработените и членовите на семејството, кои отсекогаш сме работеле заедно со г. Армани, се обврзуваме да го заштитиме она што тој го изградил и да ја продолжиме оваа компанија во негов спомен, со почит, одговорност и љубов“,
пишуваат од компанијата „Армани“.
Тој е познат и како „Принц на модата“. Неговите креации често се опишувани како лежерни и едноставни, но сепак елегантни. Низ годните на црвените килими нив ги носеа најголемите холивудски ѕвезди како Ричард Гир, Кевин Костнер, Никол Кидман и Кејт Бланшет.
Армани е роден на 11 јули 1934 година во Пјаченца, Северна Италија, Неговото семејство се преселило во Милано по Втората светска војна. По завршувањето на средното училиште, почнал студии по медицина, но ги напуштил по две години.
Чувството за мода го наследил од неговата мајка, која придавала големо значење на облеката, дури и за време на војната. Сепак, се смета дека неговиот дедо, кој бил шминкер и правел перики во општинскиот театар, имал поголемо влијание врз неговиот моден развој во младоста.