Архивот на град Скопје, студентскиот дом „Гоце Делчев“, Архивот во Охрид, Архивот во Штип, Спомен домот на Разловечкото Востание, Пелинце…се дел од наследството што го остави Константиновски
Георги Константиновски, доајен на македонската архитектура починал на 8 декември, на 90 години, а веста за неговата смрт денеска е објавена во јавноста.
„Неговиот лик и дело ја задолжија македонската архитектура, оставајќи наследство кое има локално, регионално и меѓународно значење. Се повеќе неговите дела предизвикуваат внимание кај оние кои го истражуваат периодот на бруталистичката архитектура. Архивот на град Скопје, студентскиот дом „Гоце Делчев“, Архивот во Охрид, Архивот во Штип, Спомен домот на Разловечкото Востание, Пелинце, Домот на печат во Приштина и многу други објекти остануваат да сведочат за неговото дело и за зрелата мисла на македонската архитектура, своевремено. “,
објави македонскиот специјализиран сајт за архитектура МАРХ.
Роден е 1930 година во Крагуевац, дипломирал на Техничкиот факултет во Скопје на одделот за архитектура, а во 1965 станува магистер на унивезрзитетот Јеил во САД. Бил професор и декан на Факултетот за архитектура во Скопје. Во 2016 година стана и почесен член на МАНУ.