Претходно беше соопштено дека две лица загинале на местото на сообраќајката, а околу 80 биле повредени

За време на операцијата во болницата во Сремска Митровица, едно од повредените лица во превртениот автобус во близина на Сремска Митровица почина, пренесуваат српските медиуми. Претходно српското министерство за внатрешни работи објави дека две лица починале на местото на сообраќајката, а околу 80 биле повредени.
Повредените патници се префрлени во болницата во Сремска Митровица и најверојатно ќе останат под медицински надзор во текот на ноќта. Семејствата на повредените, кои се пред болницата, велат дека повредите на нивните блиски претежно се скршеници.
Според пишувањата на српските медиуми, возачот на автобусот е приведен и му било одредено задржување до 48 часа.
Во соопштение од српската полиција се наведува дека во соработка со обвинителството е уапсен возачот на автобусот, Д. К., на превозникот „Сирмиум бус“ поради постоење основи на сомнение дека сторил кривично дело тешки дела против безбедноста на јавниот превоз, односно дека предизвикал сообраќајна несреќа.
Како што е наведено, во претходните две години, Министерството за внатрешни работи три пати го надгледувало работењето на превозникот „Сирмиум бус“ и открило повеќе од 60 неправилности.
„Патишта на Србија“ соопштија дека возилата наизменично минуваат по патот Сремска Митровица – Јарак, по прекинот поради сообраќајната несреќа.
Поради трагедијата што се случи во Сремска Митровица и грижата за голем број повредени, Црвениот крст на Србија упати апел до граѓаните дека утре од 8:30 до 13 часот во просториите на Црвениот крст во Сремска Митровица ќе се одржи итна акција за дарување крв.