Својата богата и влијателна кариера Драган Б. Костиќ ја започнал во Македонското радио, каде остави неизбришлива трага во историјата на домашната радиофонија

На 75-годишна возраст, утринава почина легендарниот музички новинар и радиоводител Драган Б. Костиќ.
Тажната вест ја соопшти неговиот син Бане Костиќ, кој преку социјалните мрежи напиша:
„Со длабока тага ги известуваме роднините, пријателите и познаниците дека утринава почина Драган Костиќ – сопруг, татко и дедо. Поменот ќе се одржи утре, недела, 21 декември, од 12:30 до 13:30 часот, во капелата на гробиштата Бутел. Семејството изразува искрена и длабока благодарност до целиот тим и раководството на Државната неврохируршка клиника во Скопје, особено до д-р Благоја Шунтов, за грижата, посветеноста и хуманоста. Нека му е вечна слава и спомен. Патувај мирно, Диско селекторе“.
Драган Б. Костиќ е роден на 10 јуни 1950 година во Скопје. Својата богата и влијателна кариера ја започнал во Македонското радио, каде остави неизбришлива трага во историјата на домашната радиофонија. Тој е најпознат како автор и водител на култните радио-емисии „Диско селектор“ и „Заборави ако можеш“.
Првата, „Диско селектор“ започна да се емитува на 29 јуни 1974 година и со текот на децениите стана музички белег на неколку генерации слушатели. А пак емисијата „Заборави ако можеш“ започна во 1991 година и до 31 октомври 2013 година го достигна своето 4.500-то издание.
Покрај овие емисии, тој е автор и на низа други радиоформати, меѓу кои „Радиоурнебес“, „Пријатели, добар ден“ и квизот „Јас ли сум на ред“.
Драган Костиќ беше познат и како колекционер на музика, со импозантна колекција од над еден милион аудио записи.
Во 2018 година ја започна и телевизиската емисија „Б со точка“ на Телевизија 24, која се емитуваше во две сезони до 2019 година.
Со неговото заминување, македонската културна сцена изгуби еден од своите највлијателни и најпрепознатливи гласови.
