Доајенката на македонскиот балет, Пенушлиска ја започнува балетската кариера на 14-годишна возраст, играјќи ја главната улога на Марија во ‘Бахчисарајска фонтана’, првиот целовечерен балет поставен на сцената на МНТ. Ги игра сите главни улоги од програмата на балетскиот ансамбл, а член на Балетот при МНТ во Скопје е од 1949 до 1972 година

Примабалерината и доајенка на медонскиот балет, Натка Пенушлиска-Митровска почина на 88 години, соопшти денеска Националната опера и балет (НОБ), од каде изразија длабоко сочувство до семејството на починатата.
„НУ Национална опера и балет со длабока тага и жалење ја прими веста за заминувањето на Натка Пенушлиска Митровска, примабалерина“,
се наведува во објавата на НОБ.
Натка Пенушлиска Митровска е родена во Скопје на 24. 4.1934 година. Балетското образование го добива во Средното балетско училиште во Скопје, а потоа и кај познатите педагози Љ. Јегорова и О. Преображенскаја во Париз (1953-1954). Модерен балет учи кај Х. Крајцберг во Цирих и А. Роје во Каштел Камбеловец. Член на Балетот при МНТ во Скопје беше од 1949 до 1972 година.
„Исклучително надарена, Пенушлиска ја започнува балетската кариера на 14-годишна возраст, играјќи ја главната улога на Марија во ‘Бахчисарајска фонтана’ (Б. Асафјев), првиот целовечерен балет поставен на сцената на МНТ. Ги игра сите главни улоги од програмата на балетскиот ансамбл. Примабалерина со извонредно чиста и прецизна класична техника, виртуозност и експресивна емотивност при креирањето на улогите. Пенушлиска е синоним за балетската уметност во Македонија. На Југословенското балетско биенале во Љубљана (1960) е прогласена за најдобра класична балерина. Управува со Балетот при МНТ (1967-1968)“,
се наведува во објавата на Националната опера и балет.
Меѓу нејзините улоги се истакнуваат Сванилда во „Копелија“, Аурора во „Заспаната убавица“, Ела во „Ѓавол на село“, Одилија во „Лебедово езеро“, Жизел во „Жизел“ и Јулија во „Ромео и Јулија“.