Изминатиот период владиката беше на болничко лекување поради проблеми со срцето, каде што и починал
На 73-годишна возраст денеска почина дебарско-кичевскиот митрополит Тимотеј, воедно и портпарол на Синодот на Македонската православна црква-Охридска архиепископија, пренесува порталот Религија.мк.

Г. Тимотеј изминатиот период беше на болничко лекување поради проблеми со срцето, каде што и почина.
Владиката Тимотеј е роден на 20 октомври 1951 година во Младо Нагоричане, Кумановско, како Славе Јовановски. Уште од основното училиште покажува интерес кон религијата. По завршување на средното богословско училиште, се запишува на Богословскиот факултет во Белград, каде што дипломира во 1976 година.
Потоа една година работи како службеник во Македонската архиепископија во Скопје, а пота заминува на постдипломски студии на Понтификалниот ориентален институт во Рим (од 1977 до 1979 година).
Во Рим останува да ја подготви и докторската дисертација. Но, на повик на Синодот на МПЦ се враќа да биде предавач на Богословскиот факултет во Скопје.

Во 1981 година во Бигорскиот манастир е замонашен, а истата година е хиротонисан за архиереј на МПЦ. Веднаш потоа е назначен за митрополит австралиски и администратор на Дебарско-кичевската епархија.
Изминатите три децении г. Тимотеј беше предводник или член на делегациите што Синодот на МПЦ ги испраќаше со цел да преговараат или да ги запознаат сестринските православни цркви со состојбата во врска со признавањето на МПЦ-ОА.
Многупати остварил средби со вселенскиот патријарх Вартоломеј, со александрискиот патријарх Петар, со српскиот патријарх Павле, со грчкиот архиепископ Христодулос, со албанскиот архиепископ Анастасиос и со претставници на Руската, Бугарската и Романската православна црква, залагајќи се дека не постои друг пат за МПЦ, освен нејзино признавање како автокефална и самостојна црква и рамноправен член на православното семејство во светот.
Речиси секоја година ги предводеше делегациите на МПЦ за отслужување на молебен на гробот на св. Кирил Солунски во базиликата „Св. Климент” во Рим.
Се очекува МПЦ-ОА во текот на денот да соопшти детали за погребот на г. Тимотеј.