Швајцарските здравствени власти потврдија прва смрт на дете од Ковид-19. Бебето кое починало од можни компликации од инфекција на коронавирус и е прв случај од ваков вид во Швајцарија, е всушност десетмесечното бебе кое од Клиниката за детски болести во понеделникот ноќта, со специјален авион беше однесено во Швајцарија, објави порталот Нова ТВ.
Веста која ја објавија швајцарските медиуми ја потврди Стефан Кустер, шеф на одделот за инфективни болести при Сојузната канцеларија за јавно здравје, на прес-конференција во швајцарската престолнина Берн, синоќа (петокот 29 мај).
Тој потврди дека бебето чии родители живеат во кантонот Аргау се заразило со коронавирус во странство и дека случајот се истражува. Кустер не кажал повеќе детали за случајот и дали вирусот е директна причина за смртта.
„Еден тажен настан, треба да ја пријавиме смртта на едно дете. Бебето кое живееше во кантонот Аргау, се заразило во странство“,
изјави за медиумите Стефан Кустер од Федералната канцеларија за здравство (БАГ).
Кантоналниот доктор на Аргау, за швајцарската национална телевизија СРФ изјави дека бебето починало по воспаление на мозокот и се бара причината за смртта и поврзаноста со Ковид-19.
Со ова, швајцарските лекари и здравствените власти ги потврдија сомневањата во однос на можната поврзаност на Ковид-19 со мозочното страдање кај бебето. Порталот НОВА дојде до извештајот од КТМ, каде што меѓудругото стои дека има „интравертикуларни маси и нагласен интерен хидроцефалус“, како и тоа дека се потребни понатамошни испитувања.
Во Македонија не е направена магнетна резонанца бидејќи бебето било позитивно на Ковид-19, а во тек биле преговори за тоа да биде транспортирано во Швајцарија каде што требаше да бидат направени сите потребни и дополнителни испитувања.
Како што објави НОВА, во исто време кога бебето со специјален медицински авион беше префрлено во Швајцарија, неговата баба која го чувала бидејќи родителите живеат во Швајцарија,(и бебето е швајцарски државјанин), со возило на Итна медицинска помош била префрлена на Инфективна клиника бидеќи и таа била позитивна на Ковид-19. Таа вчера е пуштена на домашно лекување бидејќи тестот се покажал негативен по неколку дена, што за инфектолозите е знак дека инфекцијата со Ковид-19 ја имала со денови или недели, претходно. Дали за тоа време, толку долго инфекцијата била присутна и кај бебето, по што направила компликации на мозокот, ќе покажат испитувањата во Швајцарија.
