Одговарајќи на новинарско прашање дали е можно тој да се одложи, министерот за здравство рече дека сите сценарија за почетокот на школската година се подготвени
Почетокот на школската година ќе зависи од повеќе фактори, а најмногу ќе зависи од епидемиолошката ситуација, генерално во земјава. Но, она што може да се каже дека интензивно се врши вакцинација на наставниците и дека сите сценарија за почетокот на школската година се спремни.
Вака министерот за здравство Венко Филипче одговори на новинарско прашање дали е можно одложување на почетокот на учебната година.
Тој не можеше да каже каков е одѕивот за вакцинација кај наставниците и најави дека со таков податок може да излезат откако ќе се направи проценката.
„Сега се вакцинираат и наставниците кои треба да почнат со физичко присуство, ако е се добро и стабилно, а сега држеа онлајн настава. Тој процес ќе заврши оваа и следната недела, па ќе го знаеме точниот процент“,
рече Филипче.
На крајот на минатиот месец министерката за образование и наука Мила Царовска рече дека МОН има подготвено три сценарија.
„Првото е целосно отворање на училиштата, согласно здравствените протоколи, да може сите ученици да седнат во своите клупи, за сите одделенија и сите години. Тоа е првото и најдобро сценарио, најпосакувано за сите нас, ако епидемиолошката состојба се движи во соодветни рамки за ова сценарио. За тоа ќе одлучува Комисијата за заразни болести, но сите очекуваме состојбата во летниот период и почетокот на септември да биде добра и затоа сметаме дека ова сценарио ќе биде спроведливо“,
изјави тогаш министерката Царовска.
Во меѓувреме објавени се и протоколите за одвивање на наставата во училиштата.
Минатата учебна година започна со еден месец одложување, односно на 1 октомври, бидејќи беа потребни законски измени за вметнување на онлајн наставата во законот и за тестирање на националната платформа за учење на далечина.