По состанокот со министрите за надворешни работи во Брисел, в.д. шефот на бугарската дипломатија Иван Кондов разговарал со својот македонски колега Бујар Османи во врска со неодамнешната изјава на премиерот Димитар Ковачевски, во која тој кажа дека дискурсот на Бугарија кон Северна Македонија е сличен на оној што Русија го користи кон Украина. Во оваа насока Османи кажал оти изјавата на Ковачевски не била насочена за политиката на Бугарија во целост, туку за конкретни политичари
Побрза интеграција на Северна Македонија во Европската Унија е можна само кога земјата ќе ги исполни сите свои обврски, вклучително и промената на Уставот и почитување на човековите права на Бугарите во земјата.
Ова во Брисел го изјавил в.д. министерот за надворешни работи на Бугарија, Иван Кондов, по состанокот на министрите за надворешни работи на државите членки на ЕУ, но и на земјите од Западен Балкан, на кој учество зема и шефот на македонската дипломатија Бујар Османи.

Бугарската национална телевизија (БНТ) објави дека по состанокот, Кондов разговарал со својот македонски колега Бујар Османи во врска со неодамнешната изјава на премиерот Димитар Ковачевски, во која тој кажа дека дискурсот на Бугарија кон Северна Македонија е сличен на оној што Русија го користи кон Украина.
Во оваа насока Османи кажал оти изјавата на Ковачевски не била насочена за политиката на Бугарија во целост, туку за конкретни политичари.
„Разговаравме многу кратко за прашањата што не интересираат. Тој се обиде да објасни дека де факто говорот на премиерот е поврзан со конкретни политичари, а не, во принцип, со политиката на Бугарија. Но, јас го прашав зошто во оваа ситуација се споменува Бугарија, а не конкретниот политичар на кој цели“,
изјавил в.д. министерот за надворешни работи на Бугарија.
Изјавата дека „дискурсот што се користи од страна на Бугарија кон Северна Македонија е многу сличен на дискурсот што Руската Федерација го користи кон Украина“, премиерот Димитар Ковачевски ја даде во своето обраќање на генералната дебата „Обединети за Европа“ на Самитот на Советот на Европа што минатата недела се одржа во Рејкјавик, главниот град на Исланд – земја актуелен претседавач со ЕУ.
Ваквата реторика од страна на шефот на македонската Влада следуваше откако претставничката на Бугарија на Самитот во Рејкјавик, потпретседателката Илијана Јотова, изјави дека ги запознала учесниците на Самитот со „систематското газење на правата на Бугарите во Република Северна Македонија“.
Бугарското Министерство за надворешни работи (МНР) ја оцени како цинична и неприфатлива споредбата која ја направи премиерот Ковачевски.