Во интервјуто, Зеленски ги повика Вашингтон и другите партнери да продолжат да ја поддржуваат Украина во одбраната од руската агресија
Одлучни дејствија од страна на Соединетите Американски Држави (САД) во моментов би можеле да го забрзаат крајот на руската војна против Украина следната година, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Тој во изјава за Еј-би-си њуз, која ја пренесува Ројтерс, вели дека неговата земја е поблиску до крајот на војната отколку што се мисли.
„Сега, на крајот на годината, имаме вистинска можност да ја зајакнеме соработката меѓу Украина и Соединетите држави. Одлучна акција сега би можела да го забрза правичниот крај на руската агресија против Украина следната година“,
вели Зеленски во објава на апликација за пораки Телеграм по средбата со двопартиска делегација на Конгресот на САД.
Украинскиот претседател се наоѓа во САД на Генералното собрание на Обединетите нации (ОН). Подоцна во текот на неделата, како што објави Ројтерс, е планирано тој да отпатува за Вашингтон за да го претстави својот „план за победа“ и да се обиде да влијае на позициите на Белата куќа во врска со војната, без разлика кој ќе победи на претседателските избори во САД на 5 ноември.
Инаку, републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп, кој претходно излезе со тврдења дека може да ја заврши војната во Украина во рок од неколку дена доколку биде избран, вчера, без да понуди некаков доказ, изјави дека Зеленски сака на изборите да победи кандидатот за претседател на демократите, Камала Харис.
Од кабинетот на Зеленски не ги коментираат ваквите наводи на Трамп, но украинскиот претседател претходно изјави дека е подготвен да работи со било кого што ќе ја преземе претседателската функција во Белата куќа.
Украинскиот лидер во интервјуто за Еј-би-си њуз вели дека само од силна позиција Украина може да го натера рускиот претседател Владимир Путин да ја запре војната.
Зеленски истовремено го повика Вашингтон и другите партнери да продолжат да ја поддржуваат Украина во одбраната од руската агресија.
„Мислам дека сме поблиску до мирот отколку што мислиме. Поблиску сме до крајот на војната“,
рекол тој во интервјуто.
Руската инвазија на Украина, или специјалната воена операција, како што ја нарекува Москва, започна во февруари 2022 година и во неа досега загинаа илјадници луѓе, милиони се раселени, а дел од украинските градови се претворени во урнатини.
Зеленски досега откри многу малку за неговиот „план за победа“, освен дека тој ќе дејствува како „мост“ до вториот самит за мир предводен од Украина што Киев сака да го одржи до крајот на годината и на него да ја покани и Русија.
Шефот на кабинетот на украинскиот претседател, Андриј Јермак вчера во Њујорк изјави дека планот вклучува забрзано членство на Украина во НАТО, нешто што Москва вели дека никогаш нема да го прифати.
Според рускиот претседател, Владимир Путин мировните преговори можат да започнат само доколку Киев ѝ ги остави деловите од источна и јужна Украина на Русија и се откаже од амбициите за членство во НАТО.
Од друга страна Зеленски постојано повикува на повлекување на сите руски трупи и обновување на постсоветските граници на Украина.
Во моментов Русија контролира околу 20 проценти од украинската територија и напредува на исток, преземајќи ја контролата врз низа населби во обид да го заземе целиот регион Донбас.
Во неочекуван потег за преземање на иницијативата, украинските трупи на 6 август го нападнаа западниот руски регион Курск на 6 август и продолжуваат со заземање на села на руска територија.
Зеленски за Еј-би-си њуз изјави дека операцијата во Курск ја открила слабоста на позицијата на Путин, иако покрај руското напредување во Донбас.
„Многу се плаши. Зошто? Затоа што неговите луѓе видоа дека тој не може да да ја брани целата територија”,
изјавил Зеленски.