На утрешниот состанок на министрите за одбрана на Европската Унија е поканет и генералниот секретар на НАТО Алијансата, Јенс Столтенберг, јавува МИА повикувајќи се на високи дипломатски извори инволвирани во подготовката на утрешниот совет за одбрана на ЕУ.
Тема на состанокот се очекува да биде поблиската соработка на двете организации во борбата против пандемијата.
„Тоа е целта на состанокот утре, НАТО има своја единица за коронавирусот, ЕУ има своја, ЕУ има Центар за координација на итна помош, во НАТО има еквивалент на ова, и во НАТО сакаат да видат како воените сили можат да им помогнат на цивилните за менаџирање со кризата“,
објасни висок дипломатски извор од Советот на ЕУ.
На утрешниот состанок, кој ќе се одржи како видеоконференција, шефот на Алијансата, Јенс Столтенберг, и шефот на европската дипломатија Јосеп Борел ќе разговараат детално на овие теми и ќе се обидат да ги идентификуваат областите во кои ЕУ и НАТО можат да соработуваат повеќе за спречување хибридни напади и на сајбер-безбедноста, како и на паралелни координирани вежби, вели дипломатот.
„Високиот претставник на ЕУ најверојатно ќе поддржи подлабока работа со НАТО на сценарија и вежби за да се утврди колку сме подготвени да се соочиме со хибридни закани и сајбер-безбедноста“,
додаде тој.