Ако и по вториот круг, вели Изборниот законик, од кои било причини не се изврши избор на градоначалник, тогаш Државната изборна комисија во рок од 15 дена од завршувањето на изборите ќе ја извести Владата, која потоа има рок од исто така, 15 дена да именува повереник што ќе ги врши работите што се во надлежност на градоначалникот
Победник на денешните избори за градоначалници за 32 општини и Градот Скопје ќе биде оној кандидат што ќе освои најголем број гласови.

Имено, за разлика од првиот круг, кога за да бидат успешни изборите беше потребен цензус, односно на нив да излезат најмалку една третина од вкупниот број запишани избирачи или 33,33 проценти во дадена општина, а од нив 50 отсто плус еден да гласаат за некој од кандидатите, во вториот круг не е потребен цензус.
Во вториот круг се гласа за двајцата кандидати кои во првиот круг добиле најмногу гласови, а за градоначалник е избран оној што добил поголем број гласови.
Ако и по вториот круг, вели Изборниот законик, од кои било причини не се изврши избор на градоначалник, тогаш Државната изборна комисија во рок од 15 дена од завршувањето на изборите ќе ја извести Владата.
Откако ќе го добие известувањето, Владата има рок, кој исто така е 15 дена, да именува повереник што ќе ги врши работите што се во надлежност на градоначалникот.
Владата најдоцна во рок од 15 дена по денот на именувањето на повереникот го известува претседателот на Собранието за распишување нови избори избори за градоначалник.
Државната изборна комисија првичните резултати од изборите добиени по електронски пат ги објавува сукцесивно, а резултатите врз основа на податоците од записниците од општинските изборни комисии односно Изборната комисија на градот Скопје во рок од 12 часа по завршувањето на изборите.
Конечните резултати од изборите ДИК ги објавува веднаш, а најдоцна во рок од 24 часа од денот на нивната конечност.
Во вториот круг право на глас имаат 1 013 375 гласачи. Од нив, 474 304 избирачи гласаат за градоначалник на Град Скопје. Гласањето се одвива за кандидатите кои во првиот круг добија најмногу гласови, а за избран се смета оној кој ќе освои поголем број гласови во овој круг.
Општините каде што денеска се гласа за градоначалник се Град Скопје, Аеродром, Боговиње, Брвеница, Валандово, Виница, Дебар, Дебарца, Демир Капија, Карпош, Кичево, Конче, Кочани, Крушево, Куманово, Лозово, Македонска Каменица, Македонски Брод, Могила, Неготино, Пробиштип, Ранковце, Росоман, Струга, Студеничани, Тетово, Центар, Чешиново Облешево, Чучер Сандево, Шуто Оризари, Долнени, Дојран и Зрновци.
Гласачките места се отворени од 7 до 19 часот, а гласањето е тајно и се врши зад параваните со сино хемиско пенкало.
Во скопските општини Центар, Аеродром и Карпош граѓаните добиваат две гласачки ливчиња – за градоначалник на Град Скопје и за градоначалник на локалната самоуправа. Во другите општини се гласа само за градоначалник.
Во општините Гостивар, Врапчиште, Центар Жупа и Маврово и Ростуше, каде што во првиот круг не беше постигнат цензусот од најмалку една третина излезеност, во рок од 60 дена ќе почне нова изборна постапка за избор на градоначалник.
