„Отворени сме за пријателство, соработка и партнерство, но ќе останеме достоинствени со јасна порака. Ние сме подготвени. Европа може да смета на нас. Сега е време и ние да почнеме да сметаме на Европа“, кажа премиерот
Нека оваа средба биде уште еден мост, мост на доверба, разбирање и заедничка иднина, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски на заедничката прес-конференција со Каја Калас, високата претставничка на Европската Унија за надворешни работи и безбедносна политика.

Според него, присуството на Калас денеска во Скопје е значајна порака дека Европската Унија не го заборава овој регион и дека постои легитимен интерес за нашите состојби и нашите заложби.
На средбата премиерот посочи дека разговарале отворено, како што им доликува на партнери што се стремат кон заедничка иднина.
„Разговаравме за патот кон Европската Унија, пат кој не беше ни лесен ни краток ниту, пак, секогаш праведен. Пат со многу предизвици, компромиси и, за жал, предолго чекање. Нашата определба останува јасна, ние ѝ припаѓаме на Европската Унија. Не затоа што некој тоа ни го должи, туку затоа што со децении градиме општество на демократски вредности, владеење на правото и добрососедство. Затоа што ние вложуваме, се жртвуваме и се менуваме, со надеж дека трудот ќе бидат препознаен. Но, таа определба мора да биде возвратена. Оваа држава има право да очекува појасна и почесна потврда од самата Унија. Ќе се согласиме дека не сите земји членки и не секогаш се однесуваат во европскиот дух“,
рече Мицкоски.
Премиерот посочи и дека во разговорите со Калас побарал фер третман и доследност во процесот, во насока Европа да покаже лидерство што ќе донесе нешто вредно за граѓаните во реалност, но и да ја врати довербата во европската идеја, особено кај младите.
„Да покажеме дека Европската Унија не е затворена, туку за нас е жива визија, заедница на вредности отворена за оние што ги живеат тие вредности. Не само што зборувавме за реформи, туку ние тие реформи ги живееме. Тоа не го правиме за да добиеме пофалби, туку затоа што веруваме дека тоа е вистинскиот пат. Веруваме во европскиот сон, но бараме тој сон да биде достапен за сите“,
кажа тој.
Ја поздрави денешната инаугурација на првиот дијалог за безбедност и одбрана, за кој рече дека не е само симбол, туку сигнал дека се движиме во иста насока. Ја посочи и соработката со балканската медицинска работна група и поддршката што ја добиваме во одбраната, здравството и младинските политики.
„И покрај сите предизвици, јас верувам дека иднината е на наша страна. Верувам во нашите граѓани, верувам во нивната решителност, трпение и зрелост. Верувам и во визијата на Европската Унија како заедница што ги вреднува принципите, не го заборава придонесот и знае кога е вистинско време да го направи вистинскиот чекор. Нашата рака е подадена. Отворени сме за пријателство, соработка и партнерство, но ќе останеме достоинствени со јасна порака. Ние сме подготвени. Европа може да смета на нас. Сега е време и ние да почнеме да сметаме на Европа“,
вели премиерот.
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски денеска ја пречека високата претставничка на Европската Унија за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас во Скопје.
Ова е втора нејзина посета на регионот по преземање на должноста.
Пред да допатува во Скопје, Калас ги посети Белград и Приштина.