На сослушувањето на Анкетната комисија посочил дека побарал вонредни контроли на сите клиники, односно на сите здравствени установи. Според него, во здравствениот систем има хронични проблеми, но никоја од надлежните институции не се обидувале да ги решат

Поради увид за неефективното менаџирање со Клиниката за онкологија и откако не бил изготвен извештај за работата на Клиниката, поранешниот министер за здравство Беким Сали побарал оставка од поранешниот директор на Онкологија, Нино Васев.
Ова го посочил ексминистерот за здравство Беким Сали на сослушувањето на денешната седница на Анкетната комисија за работата на Клиниката за онкологија во неговиот мандат пред пратениците во Собранието.
Сали во своето обраќање поврзано со случувањата во Клиниката за онкологија за време на неговото раководење со Министерството за здравство, како една од мерките за работењето на Клиниката, истакна дека побарал оставка од поранешниот директор на Онкологија, Нино Васев, поради, како што рече, неефективното менаџирање откако не изготвил извештај за работата на Клиниката кој бил побаран од него.
На сослушувањето на Анкетната комисија посочил дека побарал вонредни контроли на сите клиники, односно на сите здравствени установи. Според него, во здравствениот систем има хронични проблеми, но никоја од надлежните институции не се обидувале да ги решат.
„Сите релевантни институции во нашата земја биле свесни за повремен недостиг на лекови на Клиниката за онкологија, но не биле спроведени ефективни мерки. Следствено, го повикав Нино Васев, директор на Клиниката, да обезбеди остварлив план и визија за надминување на овие предизвици. Но, за жал, моето барање беше исполнето со молчење. Последователно побарав од д-р Васев да поднесе оставка, која беше реализарана и истиот ден беше именувана д-р Виолета Клисарова како в.д директор, презентирајќи план за решавање на проблемите кои се во прашање“,
реферираше Сали.
Со новата директорка Виолета Клисарова како в.д. директор на Клиниката, како што вели Сали, имал можност да соработува само кратко време поради неговата оставка од министерската позиција краток период потоа.
Прашања до поранешниот министер за здравство поставиле пратениците Мартин Костовски, Гордана Силјановска Давкова, Арбен Зибери, Јованка Василевска, Тони Јаревски, Драган Ковачки, Зоран Коцевски, Александар Вељаноски, Даниела Марковска и други пратеници, кои се однесуваат на преземените мерки на ресорното министерство додека Сали бил министер за здравство, за набавката на лековите, за начинот на терапиите, за надзорот на министерството во врска со случувањата во Клиниката за онкологија, комуникацијата на Министерството со Владата и кои биле преземените акции за време на неговиот раководење со Министерството.
Сали беше на министерската функција од јануари 2022 година до февруари 2023 година.
Посочил дека бик краток период на оваа функција, но доволно време за да ги увиди проблемите со кои се соочувале пациентите, но и здравствениот систем.
Според Рашела Мизрахи, претседателката на Комисијата и пратеничка во Собранието, Анкетната комисија треба да утврди дали има политичка одговорност во случајот со Клиниката за онкологија.
„Членовите на Комисијата нема да се информираат само од актуелниот министер за здравство, со информации со кои тој располага, туку и од поранешни министри“,
додаде таа.
Анкетната комисија се формира на предлог на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и таа брои 12 члена и исто толку заменици.
Следен што ќе биде сослушуван пред Анкетната комисија за случајот Клиника за онкологија е Оливер Спасовски, Министерот за внатрешни работи.
Министерството за внатрешни работи влезе на Клиниката за онкологија на 1 септември. До денес нема ништо конкретно и официјално дали и што е откриено, иако министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во своите јавни настапи употреби тешки квалификации за тоа што претпоставено се случило на Клиниката.
На прашањето да даде објаснување за тоа, Спасовски во интервју за „360 степени“ на МРТ 1 одговори:
„Прво, јас употребив квалификации коишто се реални на сознанијата. Дали тие се тешки – да, тие се тешки. Дали тоа што се случувало е бескрупулозно – да, е бескрупулозно поради тоа што во услови кога знаеме сите кои луѓе одат на Клиника за онкологија, со што се се соочуваат, да дојдеме до една ваква состојба за којашто мораме да си признаеме сите дека дваесетина години се говори, повеќе или помалку, дека нешто се случува, дека имаме одредени негативни појави коишто ни се случуваат како што денеска гледаме во јавноста, повторно излегуваат информации дека еве сега и на други клиники тоа ни се случува и т.н. Сметам дека е направен тој чекор, направени се многу активности во рамки на истрагата“.
Дали ова значи дека има докази, беше следното прашање на кое Спасовски одговори потврдно.
„Има докази, тие докази се во Јавното обвинителство, дел од тие докази се уште се вештачат, земени се огромен број материјали, огромен број електронски уреди, направена е екстракцијата на сите материјали коишто се од електронските уреди. Тоа што е за вештачење во МВР, во делот на електронските уреди, ние ќе го работиме, тоа што е за вештачење со медицинската документација, ќе го работат стручните луѓе од медицината и веќе го работат“,
рече министерот за внатрешни работи.