Иако во наведената лабораторија воопшто не се вршеле ПЦР тестови, осомничениот специјалист-инфектолог на две пациентки им зел брис од нос и уста и за одреден финансиски надомест им издал лажен извештај за негативен ПЦР тест, велат од обвинителството
Основното јавно обвинителство бара притвор за 45-годишниот лекар од болницата во Гостивар, кој е осомничен дека продавал лажни негативни ПЦР-тестови.
Од обвинителството соопштија дека станува збор за специјалист-инфектолог во ЈЗУ Општа болница „Др. Ферид Мурат“ во Гостивар, кој се сомничи за кривичното дело – Злоупотреба на службената положба и овластување.
Во соопштението од обвинителството е посочено дека лекарот од Чегране се сомничи дека на две лица им издал лажни негативни тестови за ковид-19, за што им наплатил вкупно 4 500 денари.
„Осомничениот во два наврати месецов, ја злоупотребил својата положба како службено лице специјалист-инфектолог во ЈЗУ Општа болница „Др. Ферид Мурат“ во Гостивар. Притоа, иако во наведената лабораторија воопшто не се вршеле ПЦР тестови, осомничениот на две пациентки им зел брис од нос и уста и за одреден финансиски надомест им издал лажен извештај за негативен ПЦР тест за SARS-CoV-2 вирусот со цел да можат да патуваат во странство. Во двата наврати тој го злоупотребил својот службен факсимил. На овој начин, од една пациентка на 7 март наплатил 50 евра, додека на другата на 9 март и наплатил 1.500 денари, односно вкупно за себе прибавил противправна имотна корист од околу 4.500 денари. Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Гостивар достави предлог за определување мерка притвор, со оглед на тоа што постои опасност осомничениот да се даде во бегство или да го повтори делото“,
се вели во соопштението од обвинителството.