Две лица со моторцикл директно учествувале во подметнувањето на експлозивната направа, додека другите двајца се осомничени како соизвршители
Основното јавно обвинителство Битола поведе постапка против четири лица за предизвикување општа опасност, поради основано сомнение дека подметнале експлозивна направа пред куќа. Според доказите прибавени во предистрагата, од Обвинителството велат дека на 12 јули, осомничените активирале и фрлиле бомба М-75 кон куќа на улицата „Охридска”.
„Двајца осомничени со моторцикл, директно учествувале во подметнувањето на експлозивната направа, додека другите двајца имале други соизвршителски дејствија со кои го овозможиле и придонеле кон извршување на кривичното дело“,
се наведува во соопштението од ОЈО.
Оштетени беа седум паркирани возила, а беше предизвикана и значителна опасност за животот и телото на луѓето во централното градско подрачје, посочуваат од Обвинителството.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Битола предложил да биде определена мерка притвор за четворицата осомничени, од кои еден е недостапен на органите на прогонот.