Повеќе од 10 лица синоќа и утрово се приведени за случајот со прилепската болница, каде Финансиската полиција вршеше контрола за работењето во оваа здравствена установа. По наредба на ОЈО Прилеп, Управата за финансиска полиција вчера започна постапка поврзана со наводи за злоупотреби во работата на прилепската болница
Основното јавно обвинителство (ОЈО) Прилеп побара притвор за шест лица и мерки за претпазливост за 15-тина приведени за случајот со злоупотреби во работата на прилепската болница.

„Поднесени се предлози за притвор за шест лица, за 15-ина мерка за претпазливост. За шест до седум фирми од Прилеп, Битола и Скопје поднесен е предлог за изрекување забрана за учество во постапки за јавни набавки“,
изјави Јасмина Шишковска, претседателка на Основниот суд Прилеп.
Според неа, се очекува во Судот да бидат донесени приведените лица за случајот со финансиското работење на прилепската болница.
Како што пренесува МИА, повеќе од 10 лица синоќа и утрово се приведени за случајот со прилепската болница, каде Финансиската полиција вршеше контрола за работењето во оваа здравствена установа.
По наредба на ОЈО Прилеп, Управата за финансиска полиција вчера започна постапка поврзана со наводи за злоупотреби во работата на прилепската болница.
Активностите вклучуваат преглед на документација и други мерки кои ќе помогнат да се утврди евентуалната одговорност на лицата поврзани со овие наводи.
Во април годинава, како што информираа од Јавното обвинителство, Управата за финансиска полиција изврши претрес на осум локации поради сомнежи поврзани со финансиското работење на прилепската болница.
Тогаш соопштија дека ОЈО Прилеп постапува во предистражна постапка поради сомнежи за кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување, поврзано со финансиското работење на прилепската болница.
Инаку, минатата година новото раководството на Општата болница со проширена дејност во Прилеп изјави дека установата има наследени долгови од 193 милиони денари и блокирана сметка.
Тогаш, Финансиската полиција почна да го проверува финансиското работење на болницата.