Родителите и семејствата на загинатите млади во пожарот наведуваат дека со големо внимание ќе го следат судскиот процес, од кој очекуваат да биде фер, транспарентен и непристрасен и во кој секој што е виновен за трагедијата ќе ја понесе својата одговорност
Претходно денеска, од Основниот кривичен суд Скопје соопштија дека судењето за пожарот во Кочани ќе започне на 19 ноември, во 9.30 часот, а процесот ќе се одвива во судницата во рамките на Казнено-поправната установа „Идризово“
Родителите на загинатите во пожарот т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани ќе ги стават во мирување секојдневните едночасовни блокади на една од сообраќајниците во градот, но и понатаму ќе продолжат со „Маршот за ангелите“ што се одржува секоја сабота.

Одлуката за привремен прекин на блокадите родителите ја соопштија откако денеска Основниот кривичне суд Скопје денеска информира дека судењето за предметот „Пулс“ ќе почне на 19 ноември.
„Бидејќи добивме датуми за рочишта, ве известуваме дека секојдневните блокади ќе бидат привремено прекинати, но со Маршевите продолжуваме секоја сабота – како симбол на нашата упорност и борба за вистината“,
стои во соопштението од родителите.
Родителите и семејствата на загинатите во пожарот наведуваат дека со големо внимание ќе го следат судскиот процес, кој очекуваат да биде фер, транспарентен и непристрасен и во кој секој што е виновен за трагедијата ќе ја понесе својата одговорност.
„Ние, родителите и семејствата на починатите деца, соопштуваме дека со големо внимание ќе го следиме судскиот процес, со единствена цел – да се открие вистината и да се обезбеди правдата за младите животи што беа изгубени во трагедијата што засекогаш го промени нашето општество“,
се вели во соопштението.
Надоврзувајќи се, во истиот контекст, тие велат не станува збор само за судење за пожар, туку ова е судењее за човечноста, совеста и одговорноста.
„Нашата болка е вечна, но нашата борба е и за сите идни генерации – никогаш повеќе да не се повтори ваква трагедија. Бараме јавноста, медиумите и институциите да го следат овој процес со должно внимание, бидејќи ова не е само судење за еден пожар – ова е судење за човечноста, совеста и одговорноста“,
велат родителите и семејствата на загинатите во трагичниот пожар.
Информацијата дека почетокот на судскиот процес за „Пулс“ е закажан за 19 ноември, Основниот кривичен суд Скопје ја соопшти денеска, на денот кога се одбележуваат точно седум месеци од трагедијата која однесе 63 млади животи и во која беа повредени повеќе од 200 лица.
Судењето ќе се одвива во судницата во рамките на Казнено-поправната установа „Идризово“, а првото рочиште на 19 ноември, ќе почне во 9:30 часот.
Согласно Автоматизираниот систем за распределба на судските предмети – АКМИС, како што претходно информираат од Кривичен, предметот е распределен кај судијката Диана Груевска-Илиевска.
Инаку, во денешното соопштение од Судот информираат дека покрај судиите кои се изземаа од постапување по предметот пред оценка на обвинителниот, дополнително, изземање побарале и добиле и судијките Тамара Витларова-Смилевска и Илина Смичковска-Илиевска поради познанството со дел од оштетените во пожарот.
Поради овие околности, како втор член на судечкиот совет, кој ќе постапува во предметот, е определен судијата Ахмед Идризи.
Од Кривичен, исто така, информираат дека се определени уште шест термини одржување на главната расправа, а по нејзиното отпочнување ќе бидат усогласени и дополнителни.

Смртниот биланс од пожарот во Кочани се зголеми пред два дена, кога згасна животот и на музичарот Владимир Блажев – Панчо, од дуото ДНК, кој беше тешко повреден во трагедијата. Тој почина по 213 дена лекување во една скопска приватна болница.
За потсетување, неполни три месеци од пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани, Јавното обвинителство на 13 јуни соопшти дека поднесено обвинение против 34 физички и три правни лица.
Сите обвинети се товарат за кривичното дело тешки дела против општата сигурност, со исклучок на еден, кој е обвинет за примање мито за изготвување на лажните лиценци за да може објектот да функционира како кабаре-клуб.
Иако првично бројот на осомничени во истрагата беше поголем и изнесуваше околу 50 лица, за дел од нив постапките беа прекинати бидејќи во текот на истрагата не се обезбедени докази за нив.
На оценка на обвинителниот акт се чекаше речиси три месеци, а од Кривичниот суд ваквата околност ја образложија со наводи за проблеми при доставата на обвинението до адвокатите, како и барањата за изземање од страна на судии поради познанство со оштетени оили затоа што членови на нивните семејства се бранители на обвинети во случајот.