Увидот во Основниот суд во Куманово ќе треба да даде одговори како настанал пожарот во подрумските простории на зградата. Увидот првично требаше да се направи вчера, но поради небезбедност на теренот беше одложен за денеска
Увидот во Основниот суд во Куманово ќе треба да ги покаже причините за пожарот кој избувна пред два дена во подрумските простории во зградата, каде што се наоѓа архивата на судот. Увидот се спроведува со основен јавен обвинител од Скопје, а ќе присуствуваат и дежурен обвинител од Куманово, увидни екипи од СВР Куманово и кримтехника од Скопје, како и електроинженери и инспектор за пожари.

Увидот во кумановскиот суд првично требаше да се спроведе во текот на вчерашниот ден, но беше одложен по укажувањата на противпожарната единица дека сѐ уште не е безбедно да се влегува.
„Увидот е одложен поради укажувањата на командирот на територијалната противпожарна единица од Куманово кој ни објасни дека не е безбедно и дека ќе има пожарна стража до утре. Останува утре да се изврши увидот, доколку се обезбедат сите услови“,
рече вчера за МИА, Теута Бедиу Рамадани, шефица на кумановското обвинителство.
Претседателкатата на Основниот суд во Куманово, Снежана Манева, очекува увидот да ја покаже причината за пожарот.
„По завршување на увидот, ќе започне уредувањето на подрумските простории. Дотогаш итните случаи ќе се решаваат во Кривичен суд Скопје по насоки на Судскиот совет и Министерство за правда“,
изјави Манева.
За итните предмети, таа вели дека преку Судскиот совет е овозможено кумановските судии да работат во Кривичниот суд Скопје.
Пожарот во кумановскиот суд избувна пред два дена во 1:35 часот, по што во текот на денот чадеше во неколку наврати. На терен беа ангажирани 15-ина пожарникари со неколку возила.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски веднаш по пожарот најави дека експерти за криминалистички и технички испитувања и вештачења ќе ги испитуваат причините за пожарот во подрумските простории на Основниот суд во Куманово.