„На дигиталниот самит што го организираме ние оваа година во Скопје, на 1 и 2 октомври 2025 г., правам големи напори да ја промовирам тест-верзијата или демоверзијата на апликацијата за првите корисници да можат да ја симнат на својот мобилен телефон и да ја користат“, најавува министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски во интервју за „360 степени“ на МРТ 1

360°: Последното ваше интервју за „360 степени“ беше на почетокот на јули минатата година, веднаш по изборот на новата Влада, и една од највпечатливите работи за коишто зборувавте тогаш беше највата дека граѓаните наскоро на својот мобилен телефон ќе ги имаат личната карта и возачката дозвола. Зошто не слушаме ништо за тоа во меѓувреме?
Андоновски: Токму така, тоа е еден голем проект што го најавивме и започнуваме со негова реализација. Беше потребно повеќе време затоа што станува збор за меѓународно партнерство со Министерството за дигитална трансформација на Украина, коишто веќе ја имаат оваа алатка во рамки на нивна мобилна апликација Diia, и заедно со програмата „Дигитална Европа“ од којашто добивме грант од над еден милион евра.
360°: Добро ве слушнав – Украина?!
Андоновски: Украина.
360°: Значи, земјата во војна…
Андоновски: Земјата во војна е една од најбрзорастечките дигитални држави или во развој на дигитализација во светот затоа што имаше скок од над 50 места изминатата година и ја има својата мобилна апликација Diia којашто е целата Влада во мобилниот телефон на граѓаните.
360°: Тоа е делумно и под притисок на војната или…?
Андоновски: Апликацијата првпат беше лансирана во 2019 година пред војната, но својот врв, своето најголемо достигнување го имаше токму поради војната затоа што воведе модули за далечинско учење, за венчавки на далечина, за пополнување на сите можни документи онлајн преку мобилниот телефон, дури и за добивање помош за ветераните од војната што се повредени или се некаде заминати надвор од државата.
360°: И сега во каква фаза е кај нас проектот?
Андоновски: Добро прашање. Добивме позитивен одговор од програмата „Дигитална Европа“, реализацијата требаше да започне во јануари 2025 година, но поради интерни процедури во Европска Унија почетокот беше највен за јуни 2025 година и ние подготвувајќи се, ја имаме модел-верзијата на апликацијата. Мене ми многу драго што можам да ја покажам, ова е статичкиот дел на апликацијата, горниот дел ќе биде личната карта и возачката дозвола во електроснки облик, а долниот дел е динамичниот којшто ќе значи дека најновите услуги или најпобаруваните услуги ќе бидат достапни, ова е и уште еден вид на почетната страница.

360°: Oва е еден вид, според тоа што досега го имате зборувано, „Гугл волет“, така?
Андоновски: Ова се нарекува дигитален паричник, многу наликува на „Гугл волет“ или „Епл волет“, што значи дека електронската верзија на личната карта и возачката дозвола ќе бидат спакувани во апликацијата, ќе може да ја покажете за да се легитимирате, а во соработка со МВР, со кое формираме работна група, ќе одиме и во втора фаза – на електронско потпишување, целосна биометриска верификација, но тоа ќе биде втора фаза на апликацијата во 2026 година.
360°: Еве една претпоставена ситуација – возите автомобил, ве застанува сообраќајна полиција, ќе можете ли да се легитимирате со лична карта и возачка дозвола на телефонот?
Андоновски: Примерот на Украина и од Полска е таков што можете да се легитимирате со покажување на кјуар-код, тие ја верификуваат валидноста на твојата лична карта и возачката дозвола, но секако со колегите од МВР ќе ги дефинираме деталите. Идејата е токму таа – да не мора да носите картички со вас додека управувате моторно возило или кога сакате да се легитимирате.
360°: Многу сме слушнале – ќе, ќе, ќе… сега и вие велите попат ви се случило одлагање, велите од јуни почнува…
Андоновски: Еве ставам датум – на дигиталниот самит што го организираме ние оваа година во Скопје, на 1 и 2 октомври 2025 г., правам големи напори да ја промовирам тест-верзијата или демоверзијата на апликацијата за првите корисници да можат да ја симнат на својот мобилен телефон и да ја користат.
360°: А во функција кога би можела да биде?
Андоновски: Токму тогаш, таа прва тест-верзија ќе биде во функција од тогаш. Секако, ќе се појават грешки, недостатоци ќе пријавуват граѓаните, и по фидбекот во 2026 г. ќе имаме целосно функсионалана апликација.
360°: Колку ќе чини таа операција?
Андоновски: Засега ќе чини бесплатно затоа што добивме грант од над еден милион евра од „Дигитална Европа“ од Европска Унија и дополнително средства за развој на порталот за услуги, на којшто оваа апликација му е практично близнак. Нема да искористиме дополнителни средства.
360°: А за граѓаните ќе има ли трошоци?
Андоновски: Во првата фаза – никакви трошоци за граѓаните, целосно бесплатно. Во следната фаза кога ќе го вклучуваме дигиталниот потпис, биометриската верификација, веќе може да се појавуваат некакви трошоци, но тоа е дискусија што ќе ја водиме кон крајот на 2026 година.