Тројцата обвинети, со тоа што откупувале старо железо и други материјали на импровизирани пунктови, предизвикале опасност по здравјето на луѓето, како и загадување на земјата и воздухот

По три години затвор добија тројцата обвинети Мајсут Мемиши, Алмир Асани и Флорин Арифи за создавање диви депонии на дел од локацијата кај Вардариште.
Тројцата обвинети, како што беше посочено на денешното рочиште, се виновни затоа што создале депонија спротивно од прописите и покрај тоа што знаеле дека немаат дозвола согласно Законот за управување со отпад, а немале ниту основано правно лице за таква дејност.
Тројцата обвинети, со тоа што откупувале старо железо и други материјали на импровизирани пунктови, предизвикале опасност по здравјето на луѓето, како и загадување на земјата и воздухот.
„Без дозвола и документација за собирање, третман и складирање на отпад создавале диви депонии спротивно на прописите на Законот за животна средина, а со тоа предизвикале опасност на здравјето на луѓето и загадување на околината. Заради тоа се осудуваат на казна затвор по три години“,
гласеше пресудата.
На трите лица им се продолжува и мерката притвор заради опасност од бегство или повторување на делото.
Адвокатот Костадин Веселиновски оцени дека изречената казна е превисока и најави дека ќе поднесе жалба во однос на висината.
„Сметам дека казната е превисока пред се поради начинот на сторувањето и последиците од стореното кривично дело. Од страна на обвинетите и покрај тоа што е складиран отпад без одобрение и без фирма и лиценца, тој отпад е претежно железо и други метали и на местото каде е складиран воопшто не е палено, нема горење и нема загадување на воздухот и на почвата затоа што Обвинителството не достави соодветен докази за тоа“,
рече тој.

Веселиновски додаде дека обвинетите одговараат за нешто што не го сториле, а што во јавноста е актуелно дека воздухот е загаден и се одржуваат протести.
„Овие обвинети воопшто не презеле дејствија и сметам дека нема елементи за кривичното дело што им се става на товар. Не се тие одговорни за палењето оган на Вардариште. По добиените мои сознанија оганот е пален нa 500 до 1 000 метри од складот што го поседувале“,
додаде адвокатот.
Во однос на продолжениот притвор Веселиновски рече дека и покрај тоа што барале таа да се укине и да се донесе поблага мерка куќен притвор и мерки за претпазливост од страна на судот не било прифатено оспорувањето.
„На тоа решение ќе поднесеме жалба до повисок суд“,
рече тој.
Тројцата обвинети на минатото рочиште признаа вина за стореното дело – загрозување на животната средина и природа со складирање и создавање диви депонии на улицата „Зендел Џемаил“ во Скопје, за што предвидената казна затвор е од три месеци до три години.
Основното јавно обвинителство Скопје на 11 септември поднесе обвинение против трите лица за кривично дело – загрозување на животната средина и природата со отпад. Тие, согласно обезбедените докази, на улицата „Зендел Џемаил“ во Скопје од 2020 година вршеле откуп на старо железо, метални производи, стари акумулатори и други обоени метали на импровизирани пунктови – отпади, без да регистрираат правно лице и без дозвола за управување со отпад, со што создале диви депонии на дел од локацијата во Вардариште, каде што на 9 јули годинава настана неконтролиран пожар
Голем пожар на дивата депонија избувна и на 31 август, а непријатната миризба со денови се чувствуваше речиси низ цело Скопје, а особено во општините Гази Баба и Аеродром.