Еден од заклучоците од седницата е формирање работна група со претставници од сите релевантни институции и граѓански организации за подготовка на предлог-измени и дополнувања на повеќе закони, велат од Министерството за социјална политика, демографија и млади
Да се формира работна група што ќе подготви итни измени и дополнувања на повеќе закони, со цел да се унапреди институционалната координација и да се зајакне системот за заштита на жените жртви на насилство и семејно насилство. Ова е еден од заклучоците усвоен на денешната седница на Националното координативно тело за имплементација на Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилство врз жените и семејното насилство со кое претседаваше заменик-министерот за социјална политика, демографија и млади Ѓоко Велковски во присуство на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, заменик-министерот за правда Ален Деребан, како и претставници на Јавното обвинителство, Основниот суд, експерти во областа, граѓански организации и претставници од надлежните институции.

Итното свикување на седницата на ова тело, како што информираат од Министерството за социјална политика, демографија и млади, произлегува по последниот трагичен настан во кој згаснаа два животи, со цел преземање конкретни мерки и активности од страна на надлежните институции, а во насока на спречување и подобрување на заштитата на жртвите и гонење на сторителите.
„Еден од заклучоците од седницата е формирање работна група со претставници од сите релевантни институции и граѓански организации за подготовка на предлог измени и дополнувања на законите, како Закон за полициски овластувања, Закон за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство, Закон за социјална заштита, Закон за правда на децата, Закон за бесплатна правна помош, Закон за кривична и Закон за парнична постапка, како и Закон за исплата на паричен надоместок на жртви од кривични дела со насилство“,
се вели во соопштението од Министерството за социјална политика, демографија и млади.

Предлог измените треба да бидат доставени до Националното координативно тело во најкраток можен рок.
Покрај тоа, на седницата е донесен и заклучок да се дадат конкретни мерки и активности за подобрување на системот за заштита на жените жртви на насилство кои ќе бидат дел од Стратегијата и Акцискиот план за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство.
