Една од слабостите во Законот за угостителска дејност кои ги нотира Антикорупциската комисија е упис на физички лица во Регистарот за вршење угостителска дејност без претходна проверка од надлежен орган за исполнетоста на минимални техничките услови
Во рамки на анализата спроведена од ДКСК, а во контекст на пожарот во Кочани, антикорупционерите нотирале и дека повеќе од 15 години од носењето на Законот за прекршоци против јавен ред и мир не е предвидена конкретна забрана за употреба на пиротехнички средства во затворен простор
Упис на физички лица во Регистарот за вршење угостителска дејност без претходна проверка од надлежен орган за исполнетоста на минимално-техничките услови е една од слабостите кои ги нотира Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) во Законот за угостителска дејност. ДКСК ја спроведе анализата на Законот по сопствена иницијатива по трагедијата во Кочани во која загинаа 61 лице, а околу 200 се повредени.

„Во член 4а став 2 утврдивме регулаторен ризик – одредбата овозможува упис на физички лица во Регистарот за вршење угостителска дејност без претходна проверка од надлежен орган за исполнетоста на минимално-техничките услови, доволно е лицето само да достави пријава до ДПИ без обврска надлежниот орган да ја верификува точноста на наводите. Ризикот е во тоа што постапката е формално завршена без реална потврда на исполнетост на условите што создава правна празнина поради отсуство на обврската за контролен надзор при регистрација и се отвора простор за декларативни пријави што во пракса значи дозвола за вршење дејност без реална проверка што може да има последици врз здравјето и безбедноста на гостите“,
наведуваат од Комисијата.
Во оваа смисла, ДКСК препорачува во Законот да се предвиди обврска за доставување писмена согласност од Државниот пазарен инспекторат или друг надлежен орган со што ќе се потврди исполнетоста на минимално-техничките услови пред уписот во Регистарот. Од Комисијата додаваат дека е неопходно во законот да се пропише и обврска според која ДПИ ќе врши увид во определен рок од 15 дена, како и санкции во случај на невистинито пријавување кои ќе вклучуваат можност за казна или одземање на одобрението.
Во однос на казните, наместо предвидените инспекциски мерки како опомена, задолжување или забрана, се предвидува врачување покана за едукација што, како што рече претседателката на ДКСК, Татјана Димитровска, не е во согласност со важечките законски процедури.
„Ова создава правна колизија и води кон правна несигурност во постапувањето на инспекторите и остава простор за различна, произволна примена на инспекциските овластувања. И во делот на прекршочните одредби е утврден регулаторен ризик. Висината на глобите не е сразмерна со тежината на можните последици особено кога прекршувањата се однесуваат на заштитата на животот, здравјето и безбедноста на луѓето. Се препорачува да се преиспитаат прекршочните одредби за да се обезбеди сразмерност меѓу висината на глобите и сериозноста на последиците, особено кај прекршувањата кои се однесуваат на здравјето и безбедноста на луѓето. Треба да се примени и трикратниот износ на глоба за сериозни прекршоци“,
истакна претседателката на ДКСК, додавајќи дека е потребна усогласеност на членот 59 од Законот за угостителска дејност со членот 82 од Законот за инспекциски надзор.
Во заклучокот на ДКСК се наведува дека во Законот за угостителска дејност постојат бројни регулаторни ризици поради недоволно прецизно, нецелосно и неконзистентно уредени постапки, отсуство на функционални контролни механизми и можност за декларативно исполнување на условите без фактичка проверка од надлежен орган. ДКСК дополнително забележува правна неусогласеност на овој со други закони, пред сè Законот за инспекциски надзор и Законот за прекршоци.
„Овие нормативни слабости создаваат простор за корупција, злоупотреба на дискрециски овластувања и нееднакво постапување кон различни субјекти во идентични или слични ситуации“,
додаде претседателката на ДКСК.
Во рамки на анализата спроведена од ДКСК, а во контекст на пожарот во Кочани, антикорупционерите нотирале дека повеќе од 15 години од носењето на Законот за прекршоци против јавен ред и мир не е предвидена конкретна забрана за употеба на пиротехнички средства во затворен простор.
„Повеќе од 15 години нема конкретна законска забрана за употреба на пиротехнички средства во објекти и простории од затворен тип иако се тие високо ризични по животот и безбедноста. Ваквата правна празнина овозможува институционална пасивност, ограничени услови за санкционирање, различна пракса во спроведување на законските одредби, како и потенцијал за селективна примена и толеранција на прекршување. Задолжителна е навремена интервенција со прецизни забрани, особено во случаи каде јавното здравје и безбедноста на граѓаните се директно загрозени, понатаму треба да се утврди механизам за редовна ревизија на прекршочните одредби и да се разгледа воведување задолжителна оценка на безбедносен ризик при секое барање за дозвола на јавни собири, настани и активности во затворен простор каде е можна употреба на пиротехника“,
додаде претседателката на ДКСК, која ги образложи резултатите од анализата.
Од направената анализа на неколку закони, Комисијата нотира и дека не е уредена постапката за добивање одобрение за набавка на експлозивни материи, ниту надлежниот орган кој ќе одлучува по барањето, ниту, пак, се пропишани рокови за постапување, а недостасуваат и јасни услови, критериуми и документација.