Ако Охрид и Струга не можат сами да се справат со урбанистичките предизвици, тоа ќе го направи државата – порача премиерот Заев.
Тој практично даде одговор на писмото кое му го испрати струшкиот градоначалник Рамиз Мерко, во кое бара Владата да ги преземе ингеренциите од општината во врска со урбанистичките проблеми. Заев рече дека писмото го очекува во секој момент, а напомена и дека слушнал дека слично барање би можел да упати и Охрид, за кого би важело истото сценарио.
Главен мотив државата на свои плеќи да ги преземе обврските на општините, би било покажувањето волја пред УНЕСКО дека активно се работи на заштита на Охридскиот регион и покажување добри резултати во извештајот кој треба да биде поднесен во февруари 2020.
Освен тоа, со ова државата би испратила порака дека во иднина не би можел да гради кој што сака и каде сака.