Турскиот претседател рече оти се надева дека ќе може да соработува и со американскиот претседател Доналд Трамп за да се издејствува потенцијален мировен план
Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган изрази оптимизам за изгледите за мир во Украина, навестувајќи дека понатамошен дипломатски ангажман би можел да ги следи напорите предводени од Москва и Вашингтон. Ваквиот коментар на Ердоган доаѓа по неговите разговори со рускиот претседател Владимир Путин во Туркменистан.

Во изјава за новинарите по враќањето во Турција, Ердоган рече дека Анкара се надева дека ќе соработува и со американскиот претседател Доналд Трамп за да процени потенцијален мировен план.
„По оваа средба со Путин, се надеваме дека ќе имаме можност да разговараме за мировниот план и со американскиот претседател Трамп. Мирот не е далеку, можеме да го видиме“,
кажа Ердоган.
Ердоган истакна дека неговата средба со Путин се фокусирала на тековните конфликти и дипломатските иницијативи, особено оние што се започнати со учество на претседателот Трамп, а рече и оти сите страни вклучени во мировниот процес јасно ја разбираат позицијата на Анкара.
„Главно разговаравме за војната и мировните напори. Господинот Путин, како и сите други актери, многу добро знае каде стои Турција по ова прашање“,
рече тој.
Зборувајќи во контекст на регионалната безбедност, Ердоган предупреди дека Црното Море не треба да се смета за арена на соперништво, потенцирајќи дека тоа нема да им користи на Русија или Украина и оти на сите им е потребна слобода на пловидба и безбедност.
