„Со гордост ја споделувам објавата на ново стратешко партнерство – значајна надградба на нашите безбедносни партнерства како сојузници во НАТО и продлабочување на трговските и инвестициските врски со нов договор ‘влада со влада’, што ќе се потпише во Лондон следната недела“, објави британскиот амбасадор во С Македонија, Метју Лосон
По средбата на премиерот Христијан Мицкоски и британскиот премиер Кир Стармер во Тирана, на која беше постигната согласност за договор за стратегиско партнерство помеѓу двете земји, британскиот амбасадор во С Македонија, Метју Лосон, најави дека договорот на ниво на влади ќе биде потпишан следната недела во Лондон.

„По клучната средба меѓу премиерот Кир Стармер и премиерот Христијан Мицкоски на денешниот самит на Европската политичка заедница во Тирана, со гордост ја споделувам објавата на ново стратешко партнерство – значајна надградба на нашите безбедносни партнерства како сојузници во НАТО и продлабочување на трговските и инвестициските врски со нов договор ‘влада со влада’, што ќе се потпише во Лондон следната недела“,
најави Лосон во објава на официјалната фејсбук-страница на британската амбасада во Скопје.
За исходот од средбата Мицкоски-Стармер претходно денеска објави и владата на Обединетото Кралство. Во објавата на веб-страницата на британската влада се наведува дека со партнерството меѓу двете земји ќе се стави акцент на меѓусебните пријателски односи и дека ќе ја сигнализира намерата за поблиска соработка во однос на заедничките предизвици вклучувајќи ги економскиот раст, трговијата, одбраната и безбедноста.
Премиерот Христијан Мицкоски и неговиот британски колега Кир Стармер денеска на маргините на Самитот на Европската политичка заедница во Тирана објавија дека е постигната согласност за договор за стратегиско партнерство меѓу двете земји. Премиерите на заедничка прес-конференција изразија задоволство за договорот чиј исход, како што рекоа, ќе значи посилна соработка, поцврсти односи и можност за продлабочување на односите.
Според најавата на македонскиот премиер, договорот ќе овозможи инвестициски циклус во вредност од околу шест милијарди евра во инфраструктурата, железницата, транспортот, здравството и други области.