Вештачењата се однесуваат на психичката состојба на Раде Трајковски-Штекли, кој е обвинет во случајот. Одбраната преку вештачењата тврди дека тој е психотичен и не е во состојба да ја следи главната расправа, а според вештачењето на Oбвинителството, тој е во добра здравствена состојба
Судечкиот совет на Основниот кривичен суд Скопје најави дека ќе ги разгледа вештачењата на Обвинителството и одбраната за психичката состојба на Раде Трајковски-Штекли, по што ќе одлучува дали предметот ќе биде даден на супервештачење или ќе продолжи главната расправа на судењето чие следно рочиште е закажано на 13 октомври.

Вештачењата се однесуваат на психичката состојба на Штекли, кој е обвинет во случајот. Одбраната преку вештачењата тврди дека тој е психотичен и не е во состојба да ја следи главната расправа, а според вештачењето на Oбвинителството, тој е во добра здравствена состојба.
На денешното рочиште сведочеше вештакот Оливера Поповска од Психијатриската болница „Скопје“.
Рече дека Штекли е во добра психичка состојба и покрај наводите за „магиско мислење“, кое според неа не претставува показател за халуцинации. Посочи дека кај него не може да се дијагностицира шизофренија, но дека се забележуваат одредени карактеристики на дисоцијалност и шизотипни црти, кои, како што рече, не ги исполнуваат сите критериуми за шизотипно растројство.
Бранителот на Штекли, адвокатот Сашко Дуковски, остро реагираше на вештиот наод, нарекувајќи го недозволен доказ. Според него, по стапувањето на обвинителниот акт во правна сила, не е дозволено самостојно издавање наредби за нови вештачења од страна на застапникот на обвинението. Додаде дека само Судечкиот совет може да одобри таков предлог, а одбраната има право да се противи.
По сослушувањето, претседателот на Судечкиот совет, судијата Илија Трпков, најави дека Судот уште еднаш ќе ги разгледа двете вештачења и дека ќе одлучи дали предметот ќе се даде на супервештачење.