МОН, вели министерот, веќе изработува протоколи и насоки за стручните служби на училиштата и наставниците, како тие ризици би се минимизирале, а употребата на социјални мрежи како Тик-ток треба да се ограничи или целосно да се оневозможи

Земајќи ги предвид случувањата во соседна Србија, а со цел намалување на сите можни ризици и закани за безбедноста на учениците и наставниците во училишна средина, на Владата на Северна Македонија и безбедносните органи ќе им предложам итна проценка на состојбите и безбедносните ризици, вели министерот за образование и наука Јетон Шаќири во писмена изјава испратена до медиумите.
Безбедносните ризици, според него, во голема мера се потхрануваат од одредени социјални мрежи, како Тик-ток. Со новите протоколи, вели тој, ваквите социјални мрежи ќе се ограничат или целосно ќе се забранат.
„Имајќи предвид дека истите не треба да се користат во училишна средина, МОН веќе изработува протоколи и насоки за стручните служби на училиштата и наставниците, како тие ризици би се минимизирале, а нивната употреба да се ограничи или целосно да се оневозможи“,
вели министерот.
Шаќири ги повикува и наставниците и родителите на поотворен дијалог за да се надмине шокот и неверувањето од случувањата во регионот.
„Исто така веќе во консултација со експертската заедница од повеќе институции и факултети, ќе се зајакнат дополнително превентивните програми за борба против булингот, промоција на ненасилството и дијалогот, како клучни елементи за образование и развој на нашите ученици“,
додава Шаќири.
Безбедноста во училиштата беше тема и на вчерашната владина седница, по што од Владата соопштија дека ги задолжуваат МОН и МВР да изготват Стратегија за превенција и заштита од несакани инциденти во училиштата.