Според проценките на премиерот Христијан Мицкоски, повторното отворање на комплексот, чиј нов концесионер е фирмата „Ла Тераца“, ќе придонесе во развојот на туризмот во државата, кој, како што рече, годинава бележи раст од 20 проценти во однос на истиот период минатата година
По седум години пауза, денеска повторно се отвори комплексот „Македонско село“, лоциран на Водно во близина на скопско Нерези. На реотворањето на комплексот присуствуваше премиерот Христијан Мицкоски во друштво на министерот за култура Зоран Љутков и директорот на Службата за општи и заеднички работи, Ивица Томовски.

Според проценките на премиерот, повторното отворање на комплексот, чиј нов концесионер е фирмата „Ла Тераца“, ќе придонесе во развојот на туризмот во државата, кој, како што рече, годинава бележи раст од 20 проценти во однос на истиот период минатата година.
„Во периодот кој што следи да се погрижиме сето она кое што за жал изминативе седум години беше заборавено, уништено, девастирано, полека, но сигурно го обновуваме и повторно му го враќаме сјајот и го ставаме во функција, едно по едно, во зависност од приоритетите и можностите. Туризмот бележи вонредни резултати. Кај странските гости имаме посебно голем раст, повеќе од 20 отсто споредено со истиот период од минатата година. Очекуваме тој тренд да продолжи и да се зголемува. Работиме многу на тоа“,
рече Мицкоски за време на посетата на комплексот.

Директорот на СОЗР, Ивица Томовски, рече дека е горд на реотворањето на комплексот.
„Комплексот е многу значаен за Скопје, многу значаен за Република Македонија од неколку аспекти. Еден од аспектите е дека во суштина ова е идентитетот, културата на нас Македониците, бидејќи има 12 куќи кои имаат сопствена архитектура и тоа ја прераскажува нашата многувековна историја. Покрај тоа што ја кажува историјата и идентитетот, со овој комплекс ќе се овозможи дополнителна туристичка дестинација за градот, зголемен број на туристи и отворање на нови работни места“,
рече Томовски.
Комплексот „Македонско село“ се состои од 12 автентични куќи, со простории каде се претставени македонските занаети. Нов концесионер на комплексот е фирмата „Ла Тераца“ чија понуда беше избрана за најповолна на јавниот повик што го распиша Службата за општи и заеднички работи.