Советниците на Путин се плашат да му ја кажат вистината, но она што се случува и обемот на овие погрешни проценки мора да бидат кристално јасни за режимот. Сето тоа се надоврзува на стратегиската погрешна пресметка дека западните лидери го предупредија Путин за тоа што ќе се случи, вели Џереми Флеминг, шеф на британската агенција за безбедност
Шефот на британската агенција за кибербезбедност верува дека Русија масовно погрешно ја проценила ситуацијата во Украина и некои од советниците на Владимир Путин не му ја кажуваат вистината.
Сер Џереми Флеминг, во една од ретките јавни изјави за време на посетата на Австралија, рече дека руските војници – без оружје и морал – одбиле да извршуваат наредби, ја саботирале сопствена опрема, па дури и случајно собориле сопствен авион.
„Советниците на Путин се плашат да му ја кажат вистината, но она што се случува и обемот на овие погрешни проценки мора да бидат кристално јасни за режимот. Сето тоа се надоврзува на стратегиската погрешна пресметка дека западните лидери го предупредија Путин за тоа што ќе се случи“,
рече тој.
Сер Џереми, исто така, рече дека има ризик за Кина премногу да се усогласи со Русија.
Аспирациите на Пекинг да стане водечки играч на глобалната сцена нема да се послужат со поврзување со режим во Москва кој намерно и незаконски ги игнорираше глобалните правила, рече тој, но додаде дека Кремљ ја гледа Кина како пазар за нејзината нафта и гас и начин за заобиколување на санкциите.
Пред изјавите на шефот на британското разузнавање, сличен брифинг имаше и во САД.
Портпаролот на Пентагон, Џон Кирби, изјави дека рускиот претседател Владимир Путин не бил целосно информиран од неговото Министерство за одбрана за неуспесите на неговата армија во Украина во текот на минатиот месец.
Тој ги нарече оценките „непријатни“ бидејќи тоа може да се одрази на потезите на Путин, кого го нарече „неинформиран“.
„Другата работа е што не знаете како таков лидер ќе реагира на добивање лоши вести“,
рече тој.
Белата куќа тврди дека советниците на Путин се премногу исплашени да му кажат колку лошо оди војната во Украина и дека не го информираат за целосното влијание на санкциите врз руската економија.
Кејт Бедингфилд изјави дека САД имаат информации дека Путин се чувствувал изманипулиран од руската војска и тоа резултирало со постојана тензија меѓу Путин и неговото воено раководство.