По изјавата на премиерот Заев дека судот регистрирал исламска заедница која е проблем од безбедносен аспект за државата, првиот човек на „селефиите“ во С Македонија одговара дека нема направено ни најмал прекршок, а не, пак, нешто подрастично
Во очекување на одлуката на Апелацискиот суд по жалбата од ИВЗ, директорот на Комисијата за односи со верските заедници, Даријан Сотировски, вели дека законот е многу површен и недоречен што, според него, е причина плус да се јавуваат вакви отворени прашања
Петок е посебен ден за муслиманите. Во џамиите се одржува џума, најважната молитва во неделата. Верниците-следбеници на Исламската верска заедница се вознемирени што од неодамна во земјава постои Исламска селефиска заедница, ДАР ЕЛ ХАДИС.

„За радикални – 99 насто. Тие се прават по верници од нас ама џабе.“
„Не верувам дека треба. Мислам дека Македонија е толкава што е потребна само една исламска заедница.“
„Тие се еден изум што никој не го прифаќа. Не знам како државата не се спротивставува на тоа“,
велат муслиманските верници со кои поразговаравме.
Селефиската заедница е регистрирана пред два месеца, на 31 декември минатата година. Решението го донесе Основниот граѓански суд – Скопје, а овластено лице на новата верска заедница е Џемаљ Јакупи од Скопје.

Јакупи има 41 година. Оженет е и татко е на пет деца. Учел во средното исламско училиште „Иса Бег “ во скопската населба Сарај, а студирал во Медина. Вели дека селефиите го следат изворното сфаќање на исламот и традициите на првите муслимани.
„Не сме секта што се издвојува од другите Муслимани, туку имаме одредени гледишта, сфаќања, кои се разликуваат и затоа треба да бидеме слободни да ги искажеме. Клањавме во џамиите каде што клањаат Муслиманите. Проблемот на ограничување беше во начинот на практикување. Физичка пречка не сме имале, но од време на време вербални пречки сме имале“,
вели Јакупи.
Јакупи не сакаше да ни покаже како се молат тие, а како останатите муслимани. Тоа го остави за друга прилика, како што рече, кога ќе имаат своја џамија што им е една од целите. Тврди дека нивната регистрација како верска заеница е целосно законска. Ја отфрла перцепцијата на дел од јавноста дека селефиите се радикална структура што ја злоупотребува религијата.
„Мислам дека тие што сакаат да ја злоупотребат, се кријат, се разбира дека ќе се кријат било со имиња или со нелегални чекори. Нашата цел е да го покажеме името и организирањето да биде јавно, да биде нешто што се гледа и луѓето да судат за тоа. Да се легитимираме пред институциите. Да не бидеме тајни, скришни, за да можат да не контролираат, транспарентно, но и пред народот да бидеме видливи и да го оценуваат нашето дејствување“,
додава Јакупи.
На регистрацијата на селефиите остро се противи Исламската верска заедница. Тврдат дека верувањата и практикувањето на религијата кај селефиите се исти како кај нив, а домашниот закон, во таков случај, не дозволува паралелни верски заедници. Затоа и поднеле жалба до Апелацискиот суд со која ја спорат регистрацијата на селефиската заедница.

„Овој чин е срамен и е многу штетен за единството на Муслиманите во Северна Македонија и е обид за паралелизам на уставната институција Исламска верска заедница. Второ, сметаме дека делото на судијката Дончевска е тенденциозно и со тоа таа го прекршила не само законот за правна положба на црква, верска заедница и религиозна група, туку ја прекршила и правната практика со која за секое основање верски заедници треба да се обезбеди мислење од петте уставни заедници на Република Северна Македонија“,
изјави Евзал Синани – шеф на кабинет на поглаварот на ИВЗ.
За разлика од ИВЗ, од Основниот граѓански суд – Скопје велат дека законот не ги задолжува да се консултираат со ниедна институција за регистрирање на верска заедница. Потенцираат дека судот е самостоен и независен.
„Одлуките на првостепените судови подлежат на редовен правен лек – жалба, бидејќи не се правосилни. Па, така од страна на ИВЗ во доставената жалба на првостепената одлука донесена од страна на овој суд, се истакнати наводи дека е прекршен Законот за правната положба на црквата, верските заедници и религиозните групи, а за тие наводи единствено надлежен за произнесување е непосредно повисокиот суд, односно Апелациониот суд Скопје“,
велат до судот.
Освен тврдења за прекршени законски одредби, од ИВЗ не спомнаа други аргументи поради кои не би требало селефиите да се регистрират како верска заедница. Но, откако за ова се пожалиле и кај премиерот Зоран Заев, тој регистрирањето го оцени за безбедносно прашање.

„Информиран сум од министерот за правда дека одреден наш суд има направено регистрација на ваква заедница којашто од безбедносен аспект за државата е проблем. Верувам дека самите надлежни служби ќе влезат во решавање на такви прашања и со должно внимание и почит го разгледав документот како реакција од ИВЗ“,
изјави Заев.
„Тоа за мене е најчудното што сум го слушнал овие денови. И немам ниту еден мал прекршок во мојот живот, а камоли нешто подрастично. Човек што сака да ти наштети се крие или се маскира, а тој што сака да биде транспарентен и легитимиран, мислам дека не треба кон него да имаш уште од почеток лоша мисла, а потоа со дејствувањето, тоа многу лесно се проверува“,
вели Јакупи од Исламската селефиска заедница.
Јакупи не знаеше колку следбеници имаат во моментов. Рече дека нивната дејност не е тајна, дека веќе 15 години проповедаат во државава, а нивните предавање се достапни на интернет.
Од Комисијата за односи со верските заедници и религиозните групи појаснуваат дека ИВЗ се повикува на член 9, став 3, од Законот:
„Во надлежниот регистар се запишува црква, верска заедница и религиозна група доколку претходно веќе не е извршена регистрација на таква црква, верска заедница и религиозна група“,
стои во член 9, став 3 од Законот за правна положба на црква, верска заедница и религиозна група.

„Законот е, би рекол, многу површен, и не дава посебни ниту квалитативни, ниту временски, ниту квантитативни посебни услови за регистрација што ние од Комисијата го гледаме како причина плус да ни се јавуваат вакви отворени прашања, со оглед на тоа што законската рамка, оваа што веќе декада наназад постои сметаме дека е преширока, конфузна и недоречена“,
вели Сотировски.
Затоа Сотировски смета дека е време законот да се подобрува. Некоментирајќи го конкретниот случај зашто е во жалбена постапка, генералниот став на Комисијата е дека државата мора да ги гарантира човековите права и меѓународните стандарди за слобода на религија и вероисповед, но истовремено да се заштити од несакани појави.
„Во таа смисла сметаме дека радикализацијата како општествен феномен, појава, во којашто поединецот или група се дотаму радикализирани да прифаќаат вакви светогледи и идеологии кои аргументирано и со право светот денеска ги сваќа како опасност по јавната сигурност и по јавната безбедност треба да не загрижи и треба да пријдеме со мултиперспективен приод на самата оваа појава. Од таму сметам дека и образованието и функционирањето, односот држава – верски заедници треба да се третира, но и јавната сигурност преку безбедносните органи. Така да како сериозна држава мора да размислиме на повеќе страни како сигурна, стабилна и одржлива превенција на ширењето и појавата на радикализмот“,
додава Сотировски.

Додека се чека Апелацискиот суд да одлучи дали новата Исламска селефиска заедница ќе остане запишана во регистарот на верски заедници, селефиите веќе бараат поддршка од верниците за, како што пишува во овој леток, изградба на џамија, училишта и печатење верска литература.