Кај двете лица се констатирани прострелни рани во стомакот и во градната шуплина. Врз едниот од нив, кој е во тешка состојба, во моментов во тек е хируршка интервенција, велат од Клиниката за хируршки болести „Свети наум Охридски“ во Скопје
Едно лице е во критична состојба, а друго е пренесено на Клиниката за торакална хирургија по пукањето што денеска попладне се случи во трговскиот центар „Ист гејт мол“.

Ова за државната новинската агенција МИА го потврди директорот на Клиниката за хируршки болести „Свети Наум Охридски“ во Скопје, Љубен Арсенков.
Кај двете лица се констатирани прострелни рани во стомакот и во градната шуплина. Врз едниот од нив, кој е во тешка состојба, во моментов во тек е хируршка интервенција.
„Двајца пациенти се примени во болницата, станува збор за две машки лица. Едниот пациент е задржан кај нас, веднаш е однесен во операциона сала поради сериозноста на повредите. Во моментов се изведува оперативен зафат кај овој пациент. Во тешка состојба е и врз него се врши оперативен зафат поради повреди во стомакот и во градната шуплина. Другиот е препратен на Клиниката за торакална хирургија. И кај едниот и кај другиот пациент се работи за прострелни рани“,
вели Арсенков.
Првичните информации за пукањето во трговскиот центар попладнево стигнаа од граѓани на социјалните мрежи, а по кратко време официјална потврда за инцидентот стигна и од Министерството за внатрешни работи.
„Денеска (24.10) од трговскиот центар ‘Ист гејт’ во Скопје е пријавено дека било пукано кон две лица кои се здобиле со повреди и се пренесени во болница за укажување помош. Полициски екипи се упатени на местото на настанот и се преземаат мерки за расчистување на случајот“,
информираа првично од МВР.
Неофицијално, како што објавуваат дел од порталите, цел на пукањето повторно бил Раде Трајковски со прекар Штекли кон кого, исто така во „Ист гејт“, беше пукано пред два месеца.