Лидерот на владејачката партија ГЕРБ и поранешен премиер Бојко Борисов ја повика Владата на Росен Желјазков да ги продолжи разговорите со социјалните партнери – работодавците и синдикатите

Владата на Бугарија по масовните протести, несогласувањата од партиите и синдикатите и предупредувањето од ЕУ дека не е во согласност со буџетските правила на Унијата, денеска го повлече предлог-буџетот, што беше доставен до парламентот.
Лидерот на владејачката партија ГЕРБ и поранешен премиер Бојко Борисов ја повика Владата на Росен Желјазков да ги продолжи разговорите со социјалните партнери – работодавците и синдикатите.
Тој подоцна објави дека дијалогот меѓу работодавачите и синдикатите е обновен.
„Утре ќе започнат состаноци во Министерството за финансии, каде што ќе се договорат сите детали. Државата стои зад секој бугарски граѓанин. Се обединивме околу ова на состанок во седиштето на ГЕРБ со министерката за финансии Теменушка Петкова; вицепремиерот и министер за иновации и раст, Томислав Дончев; претседателот на Комисијата за буџет и финансии, Делјан Добрев; поранешниот министер за финансии Владислав Горанов; како и работодавачите од КРИБ и БИА, претставени од Кирил Домушчев и Добри Митрев. Присутни беа и двата национални синдикати КТ „Подкрепа“ и КИТУБ, претставени од Димитар Манолов и Љубослав Костов“,
напиша Борисов.
Претставници на четирите партии што ја поддржуваат владата ќе учествуваат во дискусиите за буџетот за 2026 година.
Лидерот на опозициската Продолжуваме со промените, Асен Василев, изјави дека е важно е што владата го слушнала гласот на народот, откако не ги послушала експертите и бизнисот.
„Откако не ја послушаа опозицијата, откако не ги послушаа експертите, откако одбија да го послушаат бизнисот – драго ни е што конечно ги послушаа бугарските граѓани и овој буџет, кој е катастрофален за земјата, ќе биде повлечен и ревидиран“,
изјави Василев.
Според зборовите на Ивајло Мирчев од ПП-ДБ, сега е важно да се отстранат сите ограничувања за бизнисот.
„Важно е нашите предлози да бидат прифатени, десничарските мерки да бидат спроведени и Бугарија да има добар буџет“,
нагласи тој.
Неколку десетици илјади граѓани синоќа протестираа пред парламентот во Софија поради планираниот буџет за 2026 година.
Демонстрантите, извикувајќи „Мафија“, „Буџетот е шуплив“, Не сакаме банкрот“, изразија загриженост поради предвиденото зголемување на социјалните придонеси и даноците, како и против издвојувања на речиси 46 проценти од бруто-домашниот производ за владата.
Протестот го организираа опозициските партии Продолжуваме со промените и Демократска Бугарија.
