Откако денеска беше соопштена пресудата за случајот „Рекет“, двете најголеми политички партии, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, излегоа со свои ставови и меѓусебни обвинувања. Владејачката партија вели дека се потврдува оти секој што се огрешил ќе одговара, но и дека очекува разрешница и на други случаи, додека ВМРО-ДПМНЕ бара и Зоран Заев да одговора за рекетирањето.
Со денешната првостепена пресуда, Бојан Јовановски-Боки 13 беше осуден на 9 години затвор, а Катица Јанева на 7.
„’Парите од Рекет барајте ги кај Зоран Заев и Вице Заев‘, ова не се зборови на некој новинар или политички опонент на СДСМ, ова се зборовите на Боки 13, човекот кој целата јавност го виде како заедно со Зоки Кичеец носи торба ’луј витон‘ полна со изрекетирани милиони. Боки 13 е директниот извршител во ’Рекет‘. Парите што тој ги изрекетирал завршиле директно кај Заеви. Исказот на Боки 13 денеска од суд и претходните докази и аргументи што ги изнесе се повеќе од доволни Зоран Заев уште денеска да биде повикан во Јавното обвинителство и да биде отворена истрага против него“,
рече Орце Ѓорѓиевски од Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој ја обвини обвинителката Вилма Русковска дека премолчела и не отворила истрага против Заев уште кога Боки кажал во суд дека добил порака од него да се видат и да ги соочат доказите.
Од спротивниот политички табор СДСМ, пак, велат дека тоа што излегоа снимки во кои се слушаше како Христијан Мицкоски и Зоран Милески-Кичеец, кој призна вина во „Рекет“, седат заедно, се потврдува впрегнатоста на ВМРО-ДПМНЕ со овој случај. Генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николовски, порача дека, пак, порача дека пресудата е потврда дека секој кој се огрешил пред законот ќе одговара, но очекува и разрешница на „Империја“.
„Добро е што дојде време и сме среќни денеска што имаме пресуди за вакви крупни случаи кои што се отворија во државата. Тоа потврдува дека правда и одговорност ќе има за секој во државата, за било кој што ќе се огреши. Очекувам сега натаму лично целосна разрешница на сите случаи, над триесет во коишто е вклучено и целото актуелно раководство на ВМРО-ДПМНЕ, на многу структури. Да расчистиме еднаш со правдата со остатоците од режимот, да има одговорност и за ’Талир‘ и за ’Империја‘ и за кој било случај за којшто се зборува во јавноста и имаше постапки“,
рече Николовски.
За истрагата за предметот „Империја“ кој се однесува на голем финансиски криминал каде е осомничен Орце Камчев, Русковска денеска не кажа нови детали. Рече дека по преземањето на случајот од СЈО двете надлежни обвинителки интензивно работеле на истрагата, но потоа се појавила состојбата со коронавирусот, а тие како обвинителството се’ уште не работат со странки.
