Адвокатот Боби Спирковски, којшто е бранител на првообвинетиот Васев, вештачењата направени од страна на словенските и српските лекари ги квалификуваше како неточни и непрецизни, бидејќи, како што рече, тие не добиле доволно документација, односно добиле само истории на болестите на пациентите

Со сослушување на сведок предложен од Основното јавно обвинителство, денеска продолжи судскиот процес против поранешниот директор на Клиниката за онкологија Никола Васев, којшто заедно со уште двајца онколози е обвинет за несовесно лекување пациенти.
Сведокот Александар Гаќев, сопруг на сега веќе почината пациентка, пред Судот кажа дека по предлог на Васев, неговата сопруга примала терапија според експериментална програма и лекувањето траело шест месеци.
Гаќев рече дека лекувањето почнало кај докторката Мери Пешевска, а потоа продолжило кај директорот Васев. На почетокот од лекувањето тој рече дека неговата сопруга ја чувствувала терапијата, но по одреден период во неколку наврати нагласувала дека не ја чувствува повеќе истата терапија.
„Експерименталната терапија започна во 2022 година и траеше можеби шест месеци, не сум сигурен. Документите кои ги имавме после година дена со ќерка ми одлучивме да не ги чуваме и да ги фрлиме. На почетокот почувствува подобрување, после кажа дека терапијата ѝ е чудна и дека не ја чувствува. Ѝ беше кажано дека нема да ѝ падне косата и навистина не ѝ падна, почувствува подобрување. Понатаму, кажа дека се чувствува како да не пие ништо“,
рече сведокот Гаќев во одговор на прашања од Обвинителството.
По одреден период тој посочи дека ѝ се појавила рана на градите, по што Васев предложил раната да биде преврзана. Кога отишле со сопругата на преврска, како што појасни, медицинската сестра случајно со прстенот ја закачила, по што раната се отворила и интензивно се проширила.
„Ѝ се појави рана на градите, по што докторот предложи да биде преврзана и да ја прати на преврска. Кога отидовме на преврска сестрата случајно ја закачи со прстен и ѝ се отвори раната и постепено се прошируваше. Имам слики од самата рана“,
рече Гаќев.
Откако по одреден временски период неговата сопруга била пуштена на домашно лекување за две недели починала.
Адвокатот Боби Спирковски, којшто е бранител на првообвинетиот Васев, вештачењата направени од страна на словенските и српските лекари ги квалификуваше како неточни и непрецизни, бидејќи, како што рече, тие не добиле доволно документација, односно добиле само истории на болестите на пациентите.
„Вештачењето на сведокот е сосема спротивно од вештачењето на лекарите од Словенија. Ние не се сомневаме во стручноста на лекарите од Белград или од Марибор, туку ние само сметаме дека нивните вештачења се неточни и непрецизни, бидејќи тие не добиле доволно документација. Добиле само истории на болестите, што не е доволно и прават кардинални грешки – сметаат дека не можат да одлучуваат без да знаат каква е висината и тежината на пациентот“,
рече Спирковски.
Тој додава дека секој лекар онколог, дури и секој пациент на Онкологија знае дека прва работа што лекарот пред да даде било каква терапија ја мери висината и тежината на пациентот, за преку една формула да определи каква да биде терапијата. Тоа, како што рече, е „абецеда“ во онкологијата.
Одбраната на првообвинетиот Васев на минатото рочиште до Судот поднесе барање државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски да го преземе предметот или делегира на друго обвинителство. Со оглед дека по предлогот е потребно да одлучи јавниот обвинител на РСМ, судот ја одложи расправата.
Случајот го води судијката Снежана Марковска, а застапник на обвинението е јавната обвинителка од ОЈО Сопје Ана Гоговска-Јакимовска.
Предметот се наоѓа во доказна постапка и треба да продлжи со сослушување на сведоци предложени од Обвинителството.
Поранешниот директор на Клиниката за онкологија Никола Васев, заедно со уште двајца онколози Симонида Црвенкова и Драган Јакимовски, вработени на Клиниката за радиотерапија и онкологија Скопје, се обвинети за несовесно лекување пациенти. Постапката започна против уште еден онколог, второобвинетата Мери Пешевска, која призна вина, по што судот ја осуди на две години условна казна затвор.