Шефот на европската дипломатија Жозеп Борел го дели ставот со деветте земји членки на ЕУ кои во писмо побараа Западен Балкан да се врати на агендата на Унијата, велат од неговиот кабинет во одговор за државната агенција МИА.
„ЕУ и Западниот Балкан се приоритет за Европската Унија, ЕУ е главниот политички, економски и трговски партнер на регионот, чија иднина јасно се наоѓа во ЕУ. Високиот претставник го дели ставот изразен во писмото на министрите за надворешни работи по ова прашање“,
пишува во одговорот на кабинетот на Борел до МИА.
Оттаму додаваат дека шефот на дипломатијата е подготвен за разговори со земјите членки на ЕУ на тема Западен Балкан.
Земјите побараа регионот да се стави на дневен ред за априлскиот министерски совет за надворешни работи на ЕУ, кој е предвиден на 19 април, што ќе биде и после изборите во Бугарија.
Девет членки на Унијата (Австрија, Хрватска, Чешка, Германија, Грција, Ирска, Романија, Словачка и Словенија) писмото до Борел го испратија на 5 март наведувајќи дека е крајно време Западен Балкан да биде повторно на дневен ред со оглед дека многу работи се смениле од последната дискусија, а други актери – трети страни, се подготвени да настапат во регионот.
Во декември лани, првпат во историјата, ЕУ ја заврши годината без никакви заклучоци за Западен Балкан поради неможноста да се изнајде компромис со Бугарија околу речникот поврзан за „толкувањето на историјата“.
Од декември до денеска регионот е целосно отсутен од дискусиите во Брисел.