„Црвено-црните“ се елиминирани од швајцарската екипа Лозана
Македонскиот претставник во Конференциската лига на УЕФА, Вардар, го заврши настапот сезонава во еврокуповите.
„Црвено-црните“ се елиминирани од швајцарската екипа Лозана која во реваншот од второто квалификациско коло забележа победа од 5:0 и со тоа го анулира резултатот од 2:1 за Вардар од првиот дуел во Скопје.
Дека се решени да ја анулираат предноста на Вардар, домашните покажаа на самиот почеток на дуелот кога со голот на Ное Дисене во 16. минута поведоа со 1:0.
До крајот на првиот дел Лозана постигна уште два гола, а стрелец беше Кали Сене.
На 4:0 зголеми Албан Ајдини во 55. минута, а конечните 5:0 ги постави Сејду Траоре во 84. минута.
„Честитки за Лозана за пласманот понатаму, а ова за сите нас е многу тежок резултат. И за Вардар како клуб, и за мене како тренер, и за играчите, и за навивачите. До првиот гол стоевме добро, но потоа се распаднавме и тим како Лозана не ни го прости тоа – секоја шанса беше гол. Не знам дали проблемот беше вештачката трева или нè залажа оној резултат што го имавме во Скопје. Ние завршивме со настапите во Европа, а на Лозана ѝ посакувам успех. Мора да се дигнеме од овој резултат, затоа што во првото коло ни следува вечното дерби – со Пелистер. Ќе се спремаме. Морам да кажам дека овој настап во Европа беше награда за нас, знаеме каде беше Вардар, а каде дојде сега. Почнува битка за докажување и ќе видиме како ќе биде тоа понатаму. Во Скопје бевме фантастични, но сега потфрливме. Не треба да бараме виновници, самите сме виновни за тоа“
изјави тренерот Гоце Седлоски.
Вардар на овој натпревар имаше поддршка и од трибините, како од навивачката група „Комити“ така и од Македонците што живеат и работат во Швајцарија.