Министерот Филипче вели дека се во тек координации со Албанија, Бугарија и со Грција, при што еден од предлозите е прво да се дозволат фамилијарни и службени патувања во рамки на овие земји
Mоментно правиме координација со соседните земји. Во секојдневна комуникација сме со Албанија, Грција и Бугарија во однос на тоа како ќе се одвива отворањето на границите. Еден од предлозите е од следната недела да се овозможи патување за членови на фамилија или од службен, економски интерес, во рамки на овие земји, а понатаму, во периодот кој следи – по 15 јуни, границите и целосно да се отворат, изјави вечерва министерот за здравство Венко Филипче.
Во тек е, вели Филипче, дискусија за тоа дали е потребно да има тестирања на лицата кои ќе патуваат преку граница.
„Многу веројатно дека нема да се бараат тестови поради тоа што не претставуваат апсолутна гаранција или сигурност, освен ако се во комбинација со домашна изолација или карантин. Но, со оглед на тоа што кога ќе се отворат границите и поголем број луѓе ќе почнат да патуваат и тоа нема да бидат само луѓето во регионот, туку ќе има многу патници кои ќе транзитираат низ некоја земја, тоа ќе изгуби смисла“,
рече Филипче во емисијата „Топ тема“ на Телма.
Во однос на изборите, Филипче вели дека во ниту еден момент тие не биле земени како предмет врз основа на кој се анализирале бројките или се правеле калкулации или се предлагале мерки.
„И сега, во ниту еден момент, не беше побарано од Комисијата за заразни болести да каже дали треба или не треба да има избори, туку беше побаран стручен протокол како да се спроведат избори“,
истакна министерот.
Тој вели дека многу од новодијагностицираните се дел од веќе познати кластери што им дава за право да кажат дека епидемијата е под контрола. Додаде дека причина за нивно заболување е најчесто непочитување на мерките за дистанца и носење маска, особено при користење јавен превоз.
