Косовскиот премиер Авдула Хоти и српскиот претседател Александар Вучиќ денеска и утре ќе имаат одделни средби со претседателката на Европската комисија (ЕК), јави МИА од Брисел.
Претседателката Урсула фон дер Лајен ќе го прими премиерот Хоти доцна попладнево, а Вучиќ в петок наутро. И двајцата ќе имаат одделни средби и со еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји, најави портпаролот на ЕК, Ерик Мамер.
Европската Унија сака да го рестартира дијалогот за нормализација на односите помеѓу Белград и Приштина во текот на јули. Дијалогот е замрзнат од крајот на 2018 година, но двете страни изразија подготвеност да се вратат на преговарачката маса.
Средбите во Брисел доаѓаат откако поради истрагата што ја отвори Специјалното обвинителство во Хаг за косовскиот претседател Хашим Тачи, Хоти ја откажа посетата на Вашингтон каде што со Тачи требаше да имаат заедничка средба со Вучиќ и српската премиерка Брнабиќ.
Европската Унија не го коментира откажувањето на оваа посета и повтори дека процесот под покровителство на ЕУ е одвоен од обидите на американската администрација.
Портпаролот Петер Стано потврди дека Белград и Приштина го увериле Брисел дека се посветени на рестартирањето на преговорите.
Европската Унија не ја коментира ниту постапката против Тачи, но нагласи дека силно ги поддржува овие институции и нивната работа.